Попоски: ЕУ и НАТО остануваат стратешки определби
ЕУ и НАТО остануваат стратешки определби на државава и во 2016- тата. Продолжува ангажманот и за решавање на наметнатиот спор со името со веќе познатите ставови и интереси на Република Македонија. Шефот на дипломатијата Попоски со експозе пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика.

Во ЕУ и НАТО сакаме не за да направиме некого среќен, туку поради интересот на државата. Македонија одамна го заслужи членството во Алијансата, но единствената пречка е блокадата од Грција, рече шефот на дипломатијата Попоски. Ние сме за унапредување на дијалогот и за градење меѓусебна доверба. Со двете последни средби во Скопје и во Атина има позитивен тренд во односите, се разговара околу 11-те мерки од заеднички интерес, но тоа само по себе не го решава проблемот, вели министерот за надворешни.
„Од другата страна се соочуваме со ситуација на сила. Грчкото видување во овој контекст е следно- Вие можеби сте во право, можеби меѓународното право е прекршено, но ние сме во позиција на сила бидејќи вие сакате да влезете во клуб во кој ние сме веќе внатре и имаме право на вето. Доколку не играте по наше ќе направиме животот да ви биде компликуван. Нашиот одговор на тоа е дека ние сме решени да влеземе таму поради наш интерес и немаме никаква намера да создаваме непријателства со Грција“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Опозицијата обвини дека Македонија дипломатски е изолирана. Има ли Македонија платформа за надминување на спорот со Грција, праша Трајанов. Не заобиколуваат светските државници, а единствен гостин е Хан поради, како што рече Локвенец од СДСМ, решавање на политичката криза.
„Зошто не нѐ посетуваат, нѐ сметаат за несигурни или за несериозни“, праша Хари Локвенец од СДСМ.
Во дипломатските контакти секогаш настапувам од државниот интерес, одговори Попоски. Во ЕУ ќе влеземе кога ќе реши Брисел, но ние мора да се фокусираме на реформите. Потенцира дека со внатрешните несогласувања им сервираме аргументи на тие што сакаат да не блокираат.
„Би ве охрабрил на дел од тие состаноци да настапите заедно рамо до рамо со нас и да ја браните тезата дека Република Македонија треба час поскоро да почне преговори со ЕУ и дека Републија Македонија ги има исполнето сите критериуми за НАТО. Тоа ќе биде добар аргумент за тие од другата страна да сфатат дека имаме национална позиција зад која стоиме сите, а на определен начин ќе ви ја елиминира можноста да го користите или злоупотребувате тоа на внатрешно- политичка сцена“, рече министерот Попоски.
Колкав е уделот на економската дипломатија и Министерството за надворешни работи во привлекувањето странски инвестиции, праша Василевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме околу 16 илјади вработени директно лица, тоа е значителна бројка. Од друга страна извозот оваа година е милијарда и 450 милиони евра, плус непосредни договори меѓу странските и домашните компании“, вели Сашо Василевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија се соочува и со бегалската и мигрантската криза, која бара глобален и координиран одговор. Клучот на решенито треба да се бара во договор за Сирија, смета Попоски. Македонија инсистира на единствен европски одговор и на поголема соработка со земјите што се дел од рутата на бегалците.
Милчо Велески
