Меѓаши: 113 лица побарале помош на СОС телефонот годинава
Од првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека бројката е мала и неопходно е интензивно да се работи на охрабрување на децата и младите да се јавуваат за да се информираат или да пријават прекршување на некое од нивните права.

За една година на СОС телефонот за деца и млади се јавиле 113 лица кои побарале помош или совет за проблемите со кои се соочуваат, од нив само две деца. Од првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека бројката е мала и неопходно е интензивно да се работи на охрабрување на децата и младите да се јавуваат за да се информираат или да пријават прекршување на некое од нивните права. Оваа година најголем проблем на дојавувачите е сиромаштијата. Борбата со беспарицата не им дозволува на родителите да поминуваат доволно време со своите деца.
На СОС телефонот одговара тим од педагози, психолози и социјални работници. Разговараат за потешкотиите со кои се соочуваат и им даваат совети на децата што живеат во дисфункционални семејства или биле злоупотребени на некаков начин. Тие имаат потреба да се чувствуваат заштитено, разбрано и прифатено. Да се научат да ги препознаваат своите чувства и да се охрабрат да зборуваат за нив, велат од „Меѓаши“.
Најголем број од децата-потенцијални жртви се на возраст од 6 до 14 години. Поголем е бројот на девојчиња кои пријавиле некаков вид на насилство, а загрижува и податокот, велат од „Меѓаши“ што голем број од оние што свртеле на СОС линијата, останале анонимни.
За 22 години од како постои сос телефонот за деца и млади, досега се регистрирани 20.455 повици. СОС линијата е од јавен интерес и е бесплатна.
Александра Перевска
