Здравство: Повисоки плати за медицинскиот персонал со високо образование
Ќе се зголемуваат платите на медицинските сестри, лаборантите и на физиотерапевтите со завршени вишо и високо образование. Во 2016 ќе инкасираат за шест илјади денари повеќе од годинава. Порастот на платите ќе се одвива етапно во три фази...

Медицински сестри, лаборанти, рентген-техничари, физиотерапевти - над 500 здравствени работници со завршено високо образование од февруари ќе имаат повисоки плати. Покачувањето ќе се одвива етапно, во три фази. За една година здравствените работници ќе имаат за 6.000 илјади денари повисока плата.
„Со декемвриската плата која ќе ја земат во јануари здравствените работници ќе го постигнат комплетно коефициентот за високото образование или коефициент 2,617 со коерекција на плата од 36, 9 посто. Корекцијата ќе се однесува на сите сестри кои до 30.11.2015 година го завршиле високото образование и се во работен однос“, вели Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостоен синдикат на здравствени работници.
Министерот Тодоров вели дека здравствесните работници одамна му укажувале дека за вложениот труд, енергија и финансиски средства за својата надградба, требале да диват повеќе платени.
„Министерството за здравство континуирано вложува во унапредување на работата не само на докторите, туку и на останатиот медицински персонал и во рамките на проектот едукација на медицинскиот кадар во странство, досега 753 лица медицински сестри, физиотерапевти, техничари итн се едуцирани во врвни медицински центри“, рече министерот за здравство, Никола Тодоров.
Месецов, бенефит во работата добија и матичните лекари и стоматолози. Со почетокот на новата година ќе имаат повисок капитациски бод што значи и повисоки плати.
Андријана Атанасовска
