Од јануари- неповратни грантови за отворање бизнис
И следната година продолжува владиниот проект Самовработување преку кој државата доделува неповратни средства во висина од 3.500 евра за отворање на бизниси и самовработување...

По нова година државата ќе дава неповратни грантови од 3500 евра за отворање на бизниси и самовработување. Парите ќе бидат доделни за отворање на 920 фирми, во кои ќе се обезбедат вработувања на 970 лица. Педесетина од отворените фирми ќе добијат пари да вработат двајца. Најмалку 300 од овие фирми ќе бидат основани од млади лица до 29 години.
„Во текот на 2016 за оваа мерка веројатно ќе бидат распишани два огласи од кој првиот ќе биде распишан веќе во текот на јануари. Сите оние лица кои не се на евиденцијата на Агенцијата за врабортување, да се пријават и на тој начин да се стекнат со можност за учество на самиот оглас. Агенцијата по распишувањето на огласот ќе ги води сите лица кои ќе покажат интерес за користење на овие средства во рамки на целиот процес, ќе добиваат совети се со цел да се финансираат со средства од државата, а оние бизниси кои ќе покажат најголема продуктивност да можат да вработат нови лица“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Оние кои ќе отворат сопствен бизнис и ќе се самовработат, или пак, ќе се самовработат и ќе вработат уште еден ќе важат условите од проектот „Македонија вработува“ со кој се ослободуваат од плаќање на социјални придонеси и персонален данок. Обезбедени се средства во висина од околу 210 милиони денари.
Програмата самовработување нема да поддржува основање на бизнис во земјоделска дејност - растително и животинско производство, лов и услужни дејности поврзани за нив, трговија на големо и дистрибуција, производство и дистрибуција на оружје, финансиски и осигурителни бизниси и активности кои вклучуваат игри на среќа, бизниси од областа на транспортот.
Наташа Јанчиќ
