„Југохром“ става клуч до февруари

24.12.2015 16:40

Од Нова година до крајот на февруари згаснуваат две печки во Југохром од тетовско Јегуновце. Менаџментот вели- ова е доборволна одлука, иако не сме најголем загадувач...

Комбинатот „Југохром“ од Јегуновце времено става клуч на врата. Менаџментот   донел одлука поради загадувањето на Тетово капацитетот да престане со работа од Нова година до крајот на февруари. Велат дека иако не се единствениот и најголем загадувач во регионот, доброволно донеле одлука да ги изгаснат и последните две печки. 

„Со овој чин Југохром Фероалојс покажува дека има општествена одговорност, дека сочуствува со граѓаните на Тетово и сака да покаже и докаже дека еколошките проблеми се решаваат не само со добрата воља на едната страна, туку напротив треба и општината Тетово да преземе свои мерки во однос на решавање на  загадувањето на воздухот“, вели Васко Скендеровски, генерален директор на „Југохром Фероалојс“- Јегуновце во стечај.

Печките ќе се изгаснат утрото на 31- декември за да имаат Тетовци чист воздух за Новата година. Но, Скендеровски е убеден дека нема драстично да се подобри квалитетот на воздухот во Тетово и околината. Повторното ставање на печките во функција е најавено за крајот на февруари.

„Што се однесува до имплементација на системот за одпрашување, Југохром ќе продолжи со истата динамика да ги обавува сите активности поврзани со  инсталирање на системот и еколошката дозвола, согласно законските прописи и со полна пареа ќе го имплементира системот за одпрашување“, вели Скендеровски.

Југохром учествува со 7% во вкупниот извоз, односно креира 1 насто од БПД и работно ангажира 1.100 вработени.

 

Свето Николовски