Инвестициите во инфраструктурата продолжуваат и во 2016-та
Во 2016-та ќе бидат изградени пет нови експресни патишта, ќе се реконструираат шест регионални патни правци. Градежната машинерија ќе биде активирана на седум автопати – најави Министерството за транспорт. Во отчетот за сработеното годинава велат се работело на 400 километри патна инфраструктура, се градат три автопати, се инвестирало во железницата...

365 дена интензиво се работело на 400 километри патна мрежа. 2015-та ќе се памети по најголемите инвестиции во овој ресор од независна Македонија – отчет на министерот за транспорт, Владо Мисајловски. Најголемата меѓу нив автопатот Кичево-Охрид, инвестиција вредна 374 милиони евра. Реализирани се 200 проекти. Во локалната мрежа, изградени и модернизирани 48 патишта.
„Следната година ќе започнеме со изградба на 5 експресни патишта, а воедно ќе започнеме со рехабилитација на уште 6 регионални патишта, што значи дека следната година активно ќе се работи на вкупно 24 регионални патишта и 7 автопати со вкупна должина од околу 600 километри. Ова почитувани, во истријата на Република Македонија се нема случено истовремено да се работи на толку километри патна мрежа“, истакна министерот Мисајловски.
Мисаjловски вели дека 2015-та била историска и за железницата. Пристигна првиот од шестте нови патнички возови – инвестиција вредна 25 милиони евра. Набавени беа 150 вагони, нов лик доби Железничката станица во Скопје, а се реконструираат уште десет низ земјава. Годинава почна изградбата на пругата од Битола до Грција, а продолжи и рехабилитацијата на пругата на Коридорот 10.
„Правиме анализи следната година да набавиме дополнително нови патнички возови со што целосно ќе го обновиме возниот парк на Железницата. Исто така, изминатата година набавивме и нови 150 товарни вагони, а во континуитет продолжи мерката за бесплатно патување за студенти, млади до 27 години и пензионери. Продолживме со изградбата на пругата кон Бугарија. Активно се работи на делницата од Куманово до Бељаковце, а се проектира втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. Работиме на изготвување и на проект за новата пруга од Кичево до Албанија“, вели Мисајловски.
Низ македонските аеродроми минале 1,5 милиони патници, се вовеле нови линии кон најголемите светски метрополи. Напролет Македонија ќе се поврзе со уште 4 европски дестинации.
Во туристичките места се уредуваа плажите и пешачките патеки. Деновиве ќе се распише тендер за изградба на втората фаза од жичницата од Средно Водно до Козле.
Беа изградени три згради за социјално ранливите категории на граѓани во Прилеп, Ресен и Демир Хисар со вкупно 119 станови. Се продолжија и роковите за легализација на дивоизградените објекти.
Викторија Милевска
