„Хај-тек“ - прва домашна инвестиција во Бунарџик

25.12.2015 16:22

Македонската компанија „Хај-тек“ е првата домашна инвестиција во слободните економски зони. Во Бунарџик ќе вложи 20 милиони евра. Предвидено е да се отворат 300 работни места. Владата најави нови инвестиции, наскоро потпишување на договорите...

100 нови вработувања следната година. Во наредните седум уште двесте - домашната компанија „Хај-тек Асембли центар“ влегува во зоната Бунарџик. Вкупната инвестиција ќе ја заокружи на 20 милиони евра. „Хај-тек“ е компанија која е добавувач на голем број светски компании од автомобилскиот сектор. Произведува електронски печатени плочи како основа на која се вградуваат компоненти од типот на микропроцесори, отпорници, кондензатори и транзистори. Инвеститорот оцени- добивме можност за натпевар на европско ниво. 

„Ова е нешто ново и значи надоградба на нашиот производ со новододадена вредност со што ќе овозможиме и поголем извоз од Македонија и поголеми вработувања и многу поголем пласман на македонски технички кадар на европскиот пазар“, изјави инвеститорот Саво Станковиќ.

„Хај-тек“ е прва домашна компанија која гради погон во Бунарџик. Условите за инвестирање кои важат за странските компании, вели директорот на ТИРЗ  важат и за домашните инвеститори.

„Сето она што беше полемика или разговор во определен временски период дека македонските компании не можат да влезат во зоните, денеска тоа се потврдува. Ова е прва компанија која донесува таква одлука. Важно е тоа што компанијата ќе го задржи процесот на прозводство, прототипно производство од постоечката фабрика во Орешани, а она што ќе биде ново ќе значи прширување на дејноста на фирмата, а тоа ќе значи поголем извоз, бидејќи ќе се произведува нешто што е пософистицирано“, нагласи директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Премиерот Груевски ги откри плановите. До средината на јануари е најавен влез на уште седум компании во земјава, од кои уште една е македонска. Ќе произведува автомобилски делови и ќе вработи 200 работници.

Следниот месец се очекува потпишување на договор и со софтверска компанија од Калифорнија која  инвестира 13,5 милиони евра и отвора 250 работни места.

Груевски најави и влез на две германски компании кои ќе обезбедуваат плата за 350 работници. Инвестицискиот циклус според најавата на Груевски ќе се заокружи со нови 1.500 работни места.

 

Анита Димитријевска