Комеморација

Слободан Чашуле- Интелектуалец кој не остана нем на општестевните случувања во Македонија

25.12.2015 16:33

„Интелектуалец кој не остана нем на општестевните случувања во Македонија. Знаеше да пофали, но и силно да критикува“- на комеморација во Скопје, македонската дипломатија, колегите, семејството се простија од Слободен Чашуле...

Енергичен по природа, сестран во спознанијата, триумфираше во виталноста, племенитоста и одговорноста. Афирматор и критичар на општествените текови во независна Македонија, Слободан Чашуле, новинар и дипломат, не оставаше простор за рамнодушност. Со речитоста која ја претвораше во разбирлива реалност, низ собраниските и медиумските дебати, низ аналитичките изрази при развојот на демократијата, Чашуле се втемели во севкупниот државен просперитет.

„Беше активен и во насока на раздвижување на се она што оди во прилог на развој на демократијата и одбраната на нашата државност, независност и територијален интегритет и просперитет. Беше еден од ретките интелектуалци, кој не можеше пасивно да гледа на се она што се случува во нашата татковина и општество. Знаеше да пофали, но знаеше силно и конструктивно да критикува“, изајви Ѕвонко Муцунски, директор во Директоратот за НАТО во МНР и поранешен шеф на кабинетот на Слободан Чашуле.

Слободан Чашуле одбележува период на раководење со Министерството за надворешни, во премрежјата на 2001-та, кога според актуелниот шеф на дипломатијата Попоски, презел одговорна улога за јакнење на позицијата на Македонија во меѓународните рамки.

Тој остави неизбришлив белег во македонското новинарство и дипломатија. Новинар, уредник и директор во Македонското радио, дописник на некогашната ТВ-Скопје од Јужна Америка, дописник на Танјуг, во периодот по осамостојувањето на земјава, раководи и со првиот дневен весник „Нова Македонија“.

Течно говореше англиски, шпански, португалски, француски и италијански јазик, со образование во Папскиот католички универзитет во Перу, син на писателот Коле Чашуле, Слободан Чашуле почина по кусо боледување на 70-годишна возраст во Мадрид како актуелен македонски амбасадор во Шпанија.

Бардот и доајенот Слободан Чашуле беше препознатлив по силата на пишаниот и изговорениот  збор кои ги имаше во изобилство.


Зоран Богатинов