Итни и конкретни мерки против загадувањето
Интензивно чистење на улиците, вонредни контроли, ослободување на хронично болните и бремемените жени од работа, зимски распуст од понеделник, возење пар – непар. Ова се само дел од мерките кои Министерството за животна средина ќе ги достави до владата откако се утврдило дека загаденоста на воздухот во континуитет е на високо ниво...

Состојбата со загадувањето во земјава е алармантна. 10 дена по ред, штетните честички во воздухот се неколку пати над дозволените граници. Скопје и Тетово се најзагадени. Министерот за животна средина ќе предложи превентивни мерки..
Ќе се бара владата да донесе одлука - хронично болните, бремените жени и градежниците да бидат ослободени од работа, а зимскиот распуст да стартува од понеделник.
„Да се воведе мерка во сообраќајот со режим пар – непар. Да се препорача децата од предучилишна возраст да не се носат во градинка. Ова ќе треба дополнително да се дискутира на Комитетот поради тоа што произлегуваат и други обврски околу вработените, како ќе се надмине ова, но ако се донесе одлука на влада ќе треба да се почитува“, вели министерот за животна средина, Нурхан Изаири.
За да се намали загадувањето на воздухот, од Министерството за живот на средина со апел и до граѓните- повеќе да се користи јавниот превоз наместо автомобилите.
„Да не се користи за затоплување прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пет амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал“, нагласува Изаири.
Пред 10-тина дена поради загадувањето, тетовските училишта и градинки беа затворени. Оваа одлука ја донесе општината откако штетните честички во воздухот подолго време го надминуваа дозволеното ниво. Погоните на Југохром ќе мируваат од крајот на месецов до крајот на февруари.
Андријана Атанасовска
