Божик- празник на семејството

25.12.2015 16:52

Семејството е заедно. Празничната трпеза е наместена. Верниците кои се водат по Грегоријанскиот календар го празнуваат христовото раѓање. Македонската телевизија, за Божик- гостин во домот на семејството Матиќ...

Божикна светлина ја исполнува куќата на Марија Матиќ. Пет од нејзините седум деца со своите семејства и доаѓаат на гости. Возбуда и радост има во нејзиниот дом, како впрочем и во домовите на сите верниците од католичка вероисповед. Атмосфера за Христовото раѓање се чувствува еден месец пред овој голем празник, присуството на мисите е задолжително, бидејќи како што вели Марија,  денес е голем ден.

„Најрадосен ден зошто дошол спасителот да не спаси“, вели Марија.

Нејзината внука Антонија, се радува што е заедно со своите најблиски.

„За мене Божик е празник на семејството. Божик нема никакво значење ако не се собереме сите како семејство“, вели Антонија.

Празничната трпеза е полна, а на неа како што е ред има сѐ. А празник без слатки не може да се замисли.

Но, како што вели Филимена, не треба да се слават полните чинии, туку Раѓањето Христово.

„Духовната храна како душевен мир, да ни донесе спокој во душата и да имеме радост во животот“, додава Филимена Матиќ Лазаревска.

Празничната радост во ова семејство е збогатена со роденден, а воедно и именден. Славеникот Божидар е скромен, посакува само здравје и да се почитуваме.

„Ова година нашиот папа ја прогласи за година на милосредиоето- тоа, сѐ кажува“, нагласува Божидар.

Божидар вели, какви маки и искушенија и да имало во годината што изминала, сепак  на празниците се радуваат сите. Со прославувањето на Христовото раѓање, се слават значењето и вредноста на човечкиот живот, безусловната љубов и мирот.

 

Наташа Јанчиќ