НБРМ ги укина заштитните мерки кон Грција

28.12.2015 11:18

Централната банка констатира дека состојбата во Грција се стабилизира, поддржана од меѓународни кредитори, па оттука е донесена и одлуката за престанок на посебните заштитни мерки.

По шест месеци, престануваат да важат посебните заштитни мерки кои македонската Народна банка ги донесе како одговор на грчката должничка криза. Од НБРМ велат дека заштитните мерки ја постигнале целта, оневозможиле поголеми одливи на капитал од Република Македонија, а притоа не го нарушиле деловното работење на домашните компании со грчките субјекти.

Во овој период, биле одржани рамнотежата во билансот на плаќања и стабилноста на домашниот банкарски систем.

Мерките кои беа донесени на 28-ми јуни годинава беа со привремен карактер, но постоеше можност за нивно продолжување. Сепак, Централната банка констатира дека состојбата во Грција се стабилизира, поддржана од меѓународни кредитори, па оттука е донесена и одлуката за престанок на посебните заштитни мерки.