Со „Метаморфози“ Битолскиот театар ја заокружи богатата сезона

28.12.2015 13:01

Со вечерашната премиера, деветта по ред, Битолскиот Народен театар ја заокружува богатата театарска сезона. По претставата „Женидба“ работена пред десетина години, ова е второто дело поставено на битолската сцена од страна на една од попзнатите бугарски режисерки Лили Абаџиева, која вели дека во Македонија го остава своето срце...

Најновата премиера „Метаморфози“, во режија на Лили Абаџиева ја заокружува богатата театарска година на Битолскиот Народен театар. На познатата бугарска режисерка по претставата „Женидба“, која на сцената ја постави пред десетина години и имаше голем успех, ова е нејзин втор театарски проект. Претставата која претставува спој на неколку еминентни текстови ја опишува невозможноста да се избориме со желбите на стрцето, односно да се справиме со сопствените страсти.

„Многу сум среќна што во Македонија, земјата каде си го оставам срцето, поставувам нов театарски проект. Целосно се посветив претставата да биде поставена на најдобар можен начин и ќе претставува важен дел од мојот и животот на актерите“, вели бугарската режисерка Лили Абаџиева.

Невозможноста на човекот да ја достигне смислта на своето постоење да се долови во една тетарска престава е предизвик и за актерите, иако како што се случуваат метаморфози во животот така се случуваат и во театарот.

„Животот приредува многу удари и не знам дали во одреден момент срцето може да ги издржи. Мислам дека пловиме и малку обрнуваме на вистинските и вредни работи“, вели актерот Марјан Ѓоргиевски.

„Во овој проект влеговме лично и емотивно барајќи ги решенијата на сцената од самите себе“, вели актерот Васко Мавровски.

Од битолската татарска куќа велат дека ова ќе биде одлична предновогодишна понуда за љубителите на театрската уметност, а воедно ќе се заокружи и годината во која на сцената се одиграни 193 претстави и поставени девет премиери- параметри што ја прават лидер во македонскиот театарски живот за годината што изминува.

 

Стевче Митревски