Извршители: Прво предупредување за долгот, а потоа наплата
Должниците ќе бидат предупредени пред да им бидат блокирани сметките. Можност сами да ги достават податоците што им се потребни на извршителите. Законските измени за извршување се во собраниска процедура. Граѓаните повеќе нема да имаат трошоци за деблокирање на сметка...

Наместо блокада на сметка, извршителот ќе ве контактира за да ви го наплати долгот. Новите законски измени предвидуваат задолжително писмено известување на должникот пред да биде активирана присилната наплата, за да се стави крај на досегашните непријатни искуства, кога на граѓани им беа блокирани сметките, иако не знаеле дека фигурираат како должници, што повлекуваше и дополнителни трошоци.
„Ова ќе предизвика големо намалување на трошоците, затоа што претходната постапка подразбираше ние самите да ги обезбедуваме овие податоци, кои честопати чинеа многу“, вели Зоран Петревски, претседател на Комората на извршители на РМ.
Во предлог- законот се предлага и вонсудска наплата на долговите, како поефикасен и поевтин инструмент за наплата на побарувањата, кој е преземен од холандкото законодавство. Новината ќе се однесува само на комуналните долгови за струја, вода, парно, телефон и други режиски трошоци, кои како предмети се меѓу многубројните.
„На доверителите им се овозможува користејќи го неспорно ефикасниот систем на извршителите да им ги предочат обврските на должниците како и правните последици од нивното ненавремено намирување“, вели Петревски.
Бројот на предмети на годишно ниво се намалува, и сега изнесува околу 20 илјади. Извршителите имаат помалку работа, па се редуцира и нивниот број кој сега е 80.
Игор Панов
