33 проценти од претприемачите се жени

28.12.2015 14:56

По завршување на факултетот, жените отвораат фирми за да работат во дејности кои одговараат на нивната стручна подготовка, но не со цел да развиваат бизнис, туку повеќе за да си обезбедат сигурна работа.

33 проценти од претриемачите во земјава се жени. Македонија не отстапува од европскиот просек. По завршување на факултетот, жените отвораат фирми за да работат во дејности кои одговараат на нивната стручна подготовка, но не со цел да развиваат бизнис, туку повеќе за да си обезбедат сигурна работа.

„Најмногу се во услужните дејности и најмногу одат да работат она што во принцип го знаат како своја стручна спрема. Ако завршиле Медицински факултет, отвораат свои приватни ординации или слично, не дека ги развиваат бизнисите од аспект на развој на бизнис, туку го работаат она што го знаат“, вели Валентина Дисоска, претседател на Здружението бизис- жени.

Најголеми пречки со кои се соочуваат жените се недостигот на пари за отпочнување бизнис, како и отсуство на идеи и информации за опстанок меѓу конкуренцијата. Но, и покрај бариерите, оценуваат познавачите, македонскиот женски претприемачки дух предничи во однос на земјите од опкружувањето.

„Македонија ни беше многу значајна во овој проект. Многу земји кои се посилни и подобро се промовираат по ова прашање ни близу не постигнаа така добри резултати. Ние го користиме македонското искуство и го пренесуваме во ЕУ, а дел од праксата и добрите политики ги споделуваме со РМ“, вели Мери Ен Рукавина Ципетиќ, аналитичар.

Македонија е една од 9 земји во која се реализираше 4 годишниот проект за јакнење на женското претприемништво кое се оценува како мотор за креирање на работни места во земјите од Југоисточна Европа.

 

Анита Димитријевска