71 година Македонско радио- 51 година Македонска телевизија

28.12.2015 15:14

Македонското радио слави 71 година постоење, Македонската телевизија 51. Продуцирани многу часови програма, забележани најважните моменти од македонската историја...

Пред 71 година за прв пат во етерот се слушна македонскиот збор на Радио Скопје. Пред 51, пак, од зградата во Нерези се емитуваше и првиот телевизиски Дневник. Оттогаш, со голем ентузијазам Македонската радио телевизија ги бележи сите настани автентично како на филмска лента. Некои од новинарите кои оставиле најголем белег, заминуваат во пензија, по повеќе децении посветеност на националниот сервис.

„МРТ е мојт 50 годишен предизвик, исполнетост, посветеност, инспирација. Од почетокот на ’80-тите се надоврза една фантастична професионална магија како што е спортската редакција на МРТ во која ги одбројувам последните месеци, уште неполна година и половина до крајот на работниот век“, вели спортскиот новинар Златко Калински.

Од формирањето до денеска, МРТ се соочи со сите големи предзвици. Новинари, уредници, сниматели, режисери кои својата кариера ја почнаа и ќе ја завршат во оваа куќа се потсетуваат како го градеа професионализмот.

„Како новинар- уредник во МРТ, во образовната програма сум од далечната 1985-та, значи пред 30 години. Програма која остави длабок печат во историјата на МРТ“, вели Драган Јаневски-Шуре, новинар и уредник.

Со дигитализацијата на Македонската телевизија и новата опрема, МТВ застана рамо до рамо до европските јавни сервиси. Македонската радио- телевизија продолжува да чекори напред, да ги следи сите настани и случувања и да ги презентира во јавноста.

 

Александра Перевска