Груевски: СДСМ бега од избори
Според Груевски, несфатливо е што Заев тврди дека кај него материјалите биле побезбедни отколку во обвинителството, кое е 24 часа обезбедувано од полицијата и се исполнети сите побарани услови.

СДСМ не ја исполнува нивната единствената крупна обврска според договорот од Пржино, да ги предаде прислушуваните материјали на Специјалното јавно обвинителство, изјави премиерот Груевски. Потсети дека токму, како што рече, креираните материјали и според Заев добиени од странска разузнавачка служба беа причина за политичката криза. Вели, ние целосно ги исполнивме нашите обврски, дел со мали задоцнувања поради како што истакна Груевски, обидите на СДСМ да ја одолговлекува работата, за да ги пролонгира изборите закажани на 24 април.
Според Груевски е несфатливо што Заев тврди дека кај него материјалите биле побезбедни отколку во обвинителството, кое е 24 часа обезбедувано од полицијата и се исполнети сите побарани услови.
„Од секој можен агол се обидуваат да најдат начин како да предизвикаат кавга, како да предизвикаат растурање на договорот. Финалната цел на опозицијата и на СДСМ е да се одложат изборите бидејќи се свесни дека ќе ги загубат. Го чувствуваат пулсот на јавното мислење коешто не подлегна на манипулациите што во текот на ова година СДСМ ги правеше. Со се она што го направи во државата и со обидот да ја дестабилизира државата ставајќи голем ризик, ставајќи ги сите граѓани како заложници. Јасно е дека СДСМ е во една паника од губење на изборите“, изјави премиерот Никола Груевски.
Откако во јавноста се постави прашањето кога СДСМ ќе ги предаде бараните материјали кај обвинителката Катица Јанева, од Јавното обвинителство за гонење кривични дела, поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, информираа дека очекуваат материјалите да им бидат предадени и сите субјекти да започнат активно да соработуваат со обвинителството.
Во тек е постапката за добивање безбедносни сертификати за јавните обвинители, за работа со класифицирани информации со степен на класификација „државна тајна“. Од опозициската СДСМ тврдат дека материјалите што ги поседуваат не се продавани и дека ќе ги предадат кога ќе се создадат услови во специјалното јавно обвинителство за нивно безбедно чување.
Обврската произлегува од законот за заштита на приватноста, донесен во Собранието во почетокот на ноември.
Милчо Велески
