ЕБРД: Македонската еконoмија ќе расте

21.01.2014 11:49

Домашните политики ќе бидат клучни за долгорочно опоравување

Аналитичарите на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) ја подобрија прогнозата за раст на македонската економија во 2014 година. Тие во последниот извештај сметаат дека македонската економија ќе порасне за 3% годинава, од претходно предвидените 2,4% во октомври минатата година.

Заздравувањето во економиите кадешто инвестира ЕБРД и оваа година се очекува да биде бавно, и покрај подобрувањето во најнапредните светски  економии, вклучувајќи ги САД и земјите од Еврозоната.

Во извештајот на ЕБРД стои дека аналитичарите прогнозираат раст на транзициските региони од скромни 2,17% во 2014 година, прогноза која не е променета од минатата година. Овие економии во 2013 година забележаа експанзијата од 2%.

Последниот извештај на ЕБРД за просперитетот на регионите во кои оваа банка инвестира вели дека економиите во развој сеуште страдаат од излевање на капиталот, што најверојатно ќе продолжи поради заострувањето на американската монетарна политика.

„За заздравувањето да биде одржливо, земјите од регионот мора да продолжат со спроведување на структурни реформи за надминување на кризата, вклучувајќи намалување на нивото на лошите кредити и намалување на стапката на невработеност“, стои во извештајот на ЕБРД.

„Постојат растечки позитивни знаци во светската економија, особено во најнапредните земји. Но, регионите во кои интестира ЕБРД сеуште не се надвор од ’шумата’ и се соочуваат со многу предизвици“, вели главниот економист на ЕБРД, Ерик Берглоф.