Нафтените деривати поевтинуваат
Упатените во нафтениот бизнис велат дека најголем ќар од намалувањето ќе имаат граѓаните и компаниите. Има разлика дали плаќате 56 денари, како пред 4-5 месеци, или пак како сега, 43 денари за литар гориво.

Новогодишните празници ќе ги минеме со поевтини нафтени деривати. Регулаторна ја намали цената на бензините за денар, а на дизелот за дури 3 денари. Најмногу- 3,5 денари поевтинува екстра лесното масло за домаќинство.
Новиот ценовник важи од полноќ и според него литар безоловен бензин БС 95 ќе се точи за 61,5 денари, а 98-ката за 63,50 денари. Дизелот ќе се продава за 43,50, а екстра лесното за само 32 денара. Надолу оди и мазутот. Килограм ќе се продава за 15,9 денари или за 1,8 поевтино отколку досега.
Упатените во нафтениот бизнис велат дека најголем ќар од намалувањето ќе имаат граѓаните и компаниите. Има разлика дали плаќате 56 денари, како пред 4-5 месеци, или пак како сега, 43 денари за литар гориво.
„Ако порано сте полнеле со исти пари 100 литри, сега ќе добивате 135 литри. Тоа е добивката за граѓаните. Во моментов има зголемување на потрошувачката на гориво, но не е тоа нешто драстично, што би се почувствувало позначително“, вели Мите Јованов, сопственик на „Макоил“.
Намалувањето на малопродажните цени ја олеснува и работата на нафтените трговци, вели Јованов. Ако порано за една цистерна со деривати инвестирале 35 илјади евра, сега истата ги чини 20 илјади. Се намалуваат трошоците, но се ангажираат и далеку помали обртни средства. Нафташите очекуваат натамошно намалување на цената на суровата нафта на светските берзи, но и зголемување на потрошувачката на нафтата за греење.
„Мислам дека ќе одат уште надолу. Мислам дека нафтата за домаќинства, односно за греење, сега ќе почне да се троши повеќе, затоа што сепак со оваа цена ќе дојде поевтина од струјата“, смета Јованов.
Скапите горива ги принудија газдите на автомобилите со бензински мотори да ги адаптираат на користеење течен нафтен гас чија потрошувачка драстично е зголемена. Процентуално сега на бензинските, 65% купуваат течен гас, а другите 35% бензин вели Јованов.
Свето Николовски
