Нови методи во Клиниката за кардиохирургија
На државната кардиохиругија е промовирана нова метода. Срцеви залистоци се оперираат без целосна анестезија и без отворање на градниот кош. Фондот за здравствено осигурување в година за оваа интервенција ќе отвори 20 милиони денари...

За прв пат во историјата на македонското здравство вградени се вештачки срцеви залистоци без отворање на градниот кош. Операција без рез и анестезија применета кај четворица пациенти. Сите се во добра состојба.
„На буден пациент ставаме залисток без да го запреме срцето и без да го отвориме градниот кош. Нема хируршки зафат, тоа го изведуваме заедно со колегите од кардиологија. Тие ги подготвуваат пациентите, а ние артеријата на ногата и заедно ги поставуваме овие нови залистоци“, вели Омер Џемаили, кардиохирург.
„Старосната граница за оваа интервенција се поместува. Се помлади пациенти подлежат на овие интервенции“, додава Слободан Антов, Клиника за кардиологија.
Со примената на новите методи, голем број од интервенциите за кои пациентите се праќаа во странство се изведуваат кај нас. Фондот за здравство, финансиски го подддржува воведувањето на новите методи во здравствените установи.
„Во буџетот за 2016-та година, најмалку 20 милиони денари ќе бидат расположливи за овие две клиники за да ги развиваат и вршат овие процедури врз оние пациенти за кои е воспоставена медицинска индикација за тоа“, вели директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.
„Државната кардиохирургија работи турбо, речиси и да нема слободен кревет. Тоа го докажува задоволството и репутацијата која што за кратко време ја стекна државната кардиохирургија во Македонија“, потенцира министерот за здравство, Никола Тодоров.
Според ресорниот министер, државната кардиохирургија работи со искусен тим кој може да се носи со најдобрите кардиохируршки тимови во Европа.
Андријана Атанасовска
