ИТ зоните ќе отворат нови работни места, има интерес од странски компании
Повеќе компании пројавиле интерес да влезат во Македонија и да се позиционираат во планираните ИТ слободни зони. Премиерот Груевски вели дека со законските измени ќе се овозможи да привлечеме нови инвеститори, кои би отвориле работни места за домашните инженери...

Со низа поволности државата ќе привлекува инвеститори од областа на информатичките технологии . Во рамките на ТИРЗ ќе се отвораат ИТ зони, а целта според премиерот Груевски е да се привлечат компании за да инвестираат во Македонија и да отворат нови работни места за инженери од земјава. Во првите 10 години владата ќе ги ослободи компаниите од плаќање данок на добивка, персонален данок на доход и давачки за ДДВ и царина за опремата што ќе ја увезат во земјава.
„Се овозможува влез во зоните на компании од областа на информатичката технологија, кои ќе користат бенефиции и ќе отвораат нови работни места. Целта е да се поттикнат компаниите да од секторот на информатичка технологија своите следни инвестиции и отворање работни места да ги направат токму во Република Македонија“, објасни премиерот Никола Груевски.
Во индустриски зони ќе биде изграден посебен административен објект што инвеститорите ќе може да го земат под кирија, но доколку се решат да изградат објект, земјиштето ќе може да го земат на лизинг на долг рок. Очекувањата се дека новата индустриска зона ќе отвори неколку илјади работни места за информатичарите и инженерите од земјава. Премиерот Груевски објави дека неколку компании од овој сектор се заинтересирани за влез во земјава.
„Во контакт сме со поголем број на вакви компании од различни држави од светот кои пројавија интерес по стапувањето на сила на овој закон да инвестираат во Република Македонија, односно дел од своите бизниси да ги донесат во Република Македонија и да креираат нови работни места кај нас, и се разбила дополнителна вредност“, потенцира Груевски.
Измените на законот за ТИРЗ го минаа владиниот филтер. Со оваа новина се дозволува влез во зоните на компании од областа на информатичките области кои ќе може да користат бенефиции за да отворат своја компанија во Македонија.
Викторија Милевска
