Инфраструктура

Изградени и рехабилитирани над 400 локални патишта

28.12.2015 17:28

Од 2010 година до сега изградени се и рехабилитирани 400 локални патишта низ Македонија со вкупна должина од над 730 километри. Станува збор за инвестиција од над 63 милиони евра...

Државата го заокружува големиот проект за изградба на локалната патна инфраструктура во Македонија тежок 65 милиони евра. Во преку 400 патишта се и двата нови во прилепско - до манастирот Света Петка во Лениште и до месноста Маркова чешма од 2,6 километри.

„Завршивме околу 750 километри локални патишта со околу 404 локални патишта низ сите општини во вкупна вредност од 65 милиони евра. Така што, со овие два патишта го завршуваме овој голем проект на владата на Република македонија, во соработка со Министерството за транспорт и врски и со локалната самоуправа на Прилеп“, рече директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов.

Готов е и патот до Зрзе од 7,5 километри вреден 1,6 милиони евра. Најголемата инвестиција од 30 милиони евра допрва ќе започне - експресниот пат Прилеп-Градско.

„Во првата половина на 2016 година започнуваме нов, многу голем капитален проект за целиот рњегион. Започнуваме со експресниот пат прилеп-Градско. Поделен ни е во три фази,. Започнуваме со првата фаза во вредност од 30 милиони евра. Ќе се подобри многу инфраструктурата во прилеп и прилепско и во целиот коридор 10“, вели минситерот за транспор и врски, Владо Мисајловски.

Од големата инвестиција за локалната патна мрежа Прилеп доби преку 200 километри нови патишта. За 13 патишта преку светската и европската банка се искористени 157 милиони денари. Се подобрува животот во прилепско, се обезбедува развој на економијата.

„И понатаму продолжуваме со реализирање на вакви инфраструктурни проекти кои многу значат за целокупниот развој на општина Прилеп“, вели прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Почна да се гради патот до селото Волково, а Прилеп ќе добие и 10 милиони денари за рехабилитација на стариот пат до Битола кој ќе се гради три години.

 

Елизабета Митреска