Брисел: Уапсени две лица, планирале напади на новогодишната ноќ
Белгиската полиција вчера и завчера уапсила две лица, осомничени дека планирале напади во Брисел за време на новогодишната ноќ. Кај нив се пронајдени униформи и пропаганден материјал на Исламска држава...

Две лица се уапсени, под сомнение за планиарње на напади за време на празниците во европската престолнина и во фламански Брабант и Лиеж. Нивната цел биле повеќе места во Брисел кои се сметаат за „икони“ во градот – објави Федералното обвинителство.
Како дел од истрагата за тероризам изминативе 48 часа, во реонот на Брисел, Брабант и Лиеж, приведени се уште четири лица, кои по сослушувањето, пуштени се на слобода.
Иако двете уапсени лица се сметаат за лидер и шеф во организација на активностите на терористичката група, сепак тие не се поврзани со групата која учествуваше во нападите во Париз.
При полициската акција не е пронајдено оружје ниту експлозиви, но одземена е компјутерска опрема, воена униформа со обележја на Исламската држава, и останат пропаганден материјал.
Во интерес на истрагата, обвинителството не дава дополнителни информации. Во пресрет на новогодишните празници, степенот на безбедност во реонот на Гран плац е подигнат од второ на трето ниво веројатно поради непопуларната статситика дека од Брисел на ИСИС во Сирија и Ирак се имаат придружено најголем број белгиски државјани споредено со бројот на жители со другите европски градови.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
