Годинава 144 лица загинале во сообраќајни несреќи

29.12.2015 13:53

Републичкиот совет во пресрет на претстојните празници, апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

144 лица годинава го загубиле животот во сообраќајни несреќи на македонските патишта. Од нив 9 се деца на возраст до 4 години и 13 деца на возраст од 5 до 18 години. Според податоците на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ова претставува мало зголемување во споредба со 2014-та година кога на патиштата во земјата животот го загубиле 130 лица.

„Ако го имаме во предвид фактот дека во 2013 година, 198 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди , како и фактот дека во просек во Република Македонија  160 - 170 лица годишно  го губат живото во сообраќајни незгоди  може да се констатира дека во последните две години постои одреден напредок. Тоа не значи дека  овие бројки ги оценуваме како добри туку напротив наша цел е до 2020  година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди  да се намали под 100“, соопштуваат од РСБСП.

Републичкиот совет во пресрет на претстојните празници, апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Статистичките податоци покажуваат дека брзото возење и алкохолот се доминантна причина за сообраќајни незгоди со фатални последици во кои учесници се токму младите.

Анализите на РСБСП покажуваат дека по категории на учесници во сообраќајот во 2015 година најмногу страдале пешаците, односно 43 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 60 проценти се лица над 60 – годишна возраст.