Полициски службеници од Хрватска и Србија патролираат заедно со македонските на границата со Грција

29.12.2015 14:20

Во тек се преговори и со останатите земји (Австрија, Полска и Словачка) за евентуално испраќање на нивни полициски службеници.

За справување со предизвиците од бранот бегалци и мигранти, полициски службеници од Хрватска и Србија веќе патролираат на македонско- грчката граница заедно со македонските колеги. Од наредната седмица се очекува да пристигнат тимови од Унгарија и Словенија, а од почетокот на февруари 2016-та и од Чешка, соопштуваат од МВР.  Во тек се преговори и со останатите земји (Австрија, Полска и Словачка) за евентуално испраќање на нивни полициски службеници. 

„До денес на нашето барање позитивно се изјаснија неколку држави. Полициски службеници од Република Хрватска веќе патролираат на македонско - грчката граница. Република Србија вчера (28 декември) испрати полициски службеници, додека веќе од наредната недела се очекува да пристигнат и тимови од Унгарија и  Република Словенија. Кон средината на јануари, односно почеток на февруари 2016 година се очекува да пристигнат полициски службеници од Чешката Република“, стои во соопштението.

Управувачкиот комитет за координација и управување донесе одлука да се испратат официјални писма – барања  за испраќање на полициски службеници од поголем број на европски земји кои директно или индиректно се засегнати од миграциската криза.

Целта на оваа одлука беше македонските и странските полициски службеници да патролираат заедно на  границата со Грција, како и да помогнат на нашите полициски службеници во спроведувањето на секојдневните работни активности.