Правила за медиумско покривање на изборни процеси (за рамномерно политичко медиумско претставување)
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Правилата претставуваат операционализација на обврските на Јавниот радиодифузен сервис - МРТ за покривање на изборни процеси пропишани во Изборниот законик.
Според изборната регулатива, Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во својата вкупна програма, и да овозможи подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми и бесплатно политичко претставување на сите учесници во изборна кампања. Исто така, во соработка со Државната изборна комисија (ДИК), МРТ е должна да ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласање и за други информации поврзани со изборниот процес.
Оттаму, овие Правила утврдуваат на кои радио и телевизиски програмски сервиси и во кои видови програми МРТ ќе ги покрива изборните процеси, а ги сублимира и обврските и стандардите за обезбедување право на одговор и исправка на објавена информација пропишани во Законот за медиуми.
Правилата ќе се применуваат од денот на распишување на изборите, до нивното завршување.
II. ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО ВЕСТИ
Во кои вести ќе се информира за кампањата и дистрибуција на времето
Јавниот радиодифузен сервис – МРТ ќе ги покрива активностите од изборната кампања во вестите и на радио и на телевизиските програмски сервиси, и тоа:
- на Првиот телевизиски програмски сервис (МРТ1) во дневниците во 17:00, 19:30 и 23:30 часот;
- на Вториот телевизиски програмски сервис (МРТ2) во дневниците во 18:30 и 22:00 часот, додека во вестите во 12:00 часот ќе емитува само најави за активностите на учесниците во изборниот процес;
- на Првиот радио програмски сервис (Македонско радио – радио Скопје) во вестите во 07:00, 15:30 и 22:00 часот; и
- на Третиот радио програмски сервис (Македонско радио – канал на етничките заедници) во вестите во 09:00, 16:00 и 21:00 часот.
Според член 76-а од Изборниот законик, за време на изборна кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, така што 30% од времето ќе посвети на информации за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Република Македонија.
Законската одредба не предвидува време за активностите на независните кандидати, односно за кандидатите од група избирачи, но имајќи ги предвид позицијата и обврските на Јавниот радиодифузен сервис во општеството, МРТ ќе се обиде на сите свои сервиси да обезбеди информации за целината на изборниот процес и со тоа покривање на активностите на сите учесници во изборната кампања. Оттаму, за активностите на независните кандидати ќе информира во рамки на 10% посветени за информации од кампањата на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Р.М.
Информациите за активностите од кампањата на политичките партии на власт и во опозиција секојдневно ќе ротираат, а тонот на известувањето ќе биде неутрален.
Времето меѓу учесниците во изборниот процес во рамки на 30% за партиите на власт, 30% за партиите во опозиција и 10% за учесниците во изборниот процес што не се претставени во Собранието на Р.М, ќе биде распределено во согласност со принципите на избалансирано известување утврдени во член 75-а од Изборниот законик.
За претседателски избори времето ќе се дистрибуира според принципот на еднаквост и во првиот и во вториот круг од изборите. За парламентарни избори во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници. За локални избори, времето ќе се распредели преку комбинација од двата принципи – еднаквост и пропорционалност и тоа:
- за избор на градоначалник во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за градоначалници и во првиот и во вториот круг од изборите;
- за избор на членови на советите на општините и на градот Скопје во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за членови на советите на општините и на градот Скопје.
Имајќи ги предвид спецификите на Вториот телевизиски и на Третиот радио програмски сервис на МРТ, кои се наменети за задоволување на информативните потреби на граѓаните од немнозинските етнички заедници што живеат во Република Македонија, дистрибуцијата на времето меѓу учесниците во изборниот процес во вестите на овие сервиси, ќе биде инверзна на дистрибуцијата на времето во вестите на Првиот телевизиски и на Првиот радио програмски сервис на МРТ, за парламентарни и за локални избори, за избор на членови на советите на општините и на градот Скопје. Иако, очекувано партиите на етничките заедници ќе имаат помал број листи со потврдени кандидати, тие ќе добијат повеќе време за покривање на активностите од кампањата, односно во рамките на блоковите од вестите наменети за покривање на активностите од кампањата на учесниците во изборниот процес, ќе се замени времето меѓу политичките субјекти од немнозинските заедници и субјектите од т.к.н македонски политички блок.
Јавниот радиодифузен сервис ќе обезбеди редовно информирање за изборниот процес и за лицата со оштетен слух.
Известување за активностите на државната и локалната власт
Редовните активности на државните органи, органите на општините и на другите институции и организации со јавни овластувања во информативните изданија на МРТ ќе бидат третирани во делот од вестите резервиран за случувањата од земјата и од светот.
Имајќи ја предвид обврската од член 76-а став 12 од Изборниот законик која пропишува дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување, известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект, МРТ за нив:
- ќе информира претежно преку жанрот „вест“, со евентуални тонски изјави;
- посодржаен третман, со изјави на учесниците во настаните, ќе добијат само активностите и темите што се од поширок јавен интерес.
Информирање за испитувања на јавното мислење
МРТ ќе известува за резултати од испитувања на јавното мислење само доколку е познат нарачателот на истражувањето и ако тоа е реализирано на репрезентативен примерок.
При објавување на резултатите од испитувања на јавното мислење ќе ги почитува следниве принципи:
- нема да ги организира вестите околу резултатите на едно единствено испитување на јавното мислење;
- нема да ги потенцира резултатите од истражувањето на телоп кој се користи да се определи насловот на прилогот;
- задолжително ќе ги објави следниве податоци: името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, името на институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето;
- нема да се потпира само на интерпретацијата на резултатите од испитувањето дадени од страна на субјектот што го нарачал или пак го спровел истражувањето, туку новинарот ќе се обиде сам да изгради став анализирајќи ги прашањата, резултатите и трендовите;
- особено внимателно ќе ги третира резултатите од испитувањата кои им пркосат на претходно утврдените трендови за расположението на гласачите без убедливо објаснување за причините;
- нема да користи јазик кој му дава поголем кредибилитет на испитувањето од оној што реално го заслужува;
- ќе информира и за очекуваната маргина на грешка, особено кога разликата меѓу претендентите е во рамките на маргината;
- резултати од испитувања на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес ќе објавува најдоцна пет (5) дена пред денот определен за одржување на изборите за првиот и за вториот круг на гласање;
- резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите нема да објавува пред 19:00 часот, односно пред затворањето на избирачките места.
Изборен молк
За време на изборниот молк, МРТ ќе продолжи да известува за изборниот процес и за текот на гласањето, при што нема да емитува содржини кои би можеле да се сметаат за прекршување на изборниот молк. Оттаму, нема да објавува:
- какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите;
- какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите;
- податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето;
- изјави од кандидати во изборниот процес, од учесници во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Вестите од распишување на избори до започнување на изборната кампања
Иако Изборниот законик утврдува конкретни правила за рамноправен пристап во вестите само за периодот на изборната кампања, МРТ во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите на Република Македонија и на МРТ, како и принципите за покривање на изборите, и ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија, на неделна основа. Ќе се обиде да информира и за активностите на политичките субјекти што не се претставени во Собранието на Р.М.
Во овој период, имајќи ги предвид ограничувањата од Изборниот законик за предвремено започнување на изборна кампања на потврдените кандидати од надлежните изборни органи, МРТ главно ќе информира за ставовите изнесени на прес - конференциите на партиите и за изјавите на партиските лидери. За прашањата и темите од поширок јавен интерес ќе се обиде да обезбеди ставови од сите релевантни чинители.
За редовните активности на државните органи, органите на општините и на другите институции и организации со јавни овластувања ќе информира претежно преку жанрот „вест“, со евентуални тонски изјави. Посодржаен третман, со изјави на учесниците во настаните, ќе добијат само активностите и темите што се од поширок јавен интерес.
III. ИЗБОРИТЕ ВО ПОСЕБНИTE ИНФОРМАТИВНИ ПРОГРАМИ
Имајќи ja предвид неопходноста граѓаните да бидат информирани за програмите и за ставовите на сите релевантни политички субјекти, како и за разликите во нивните ставови и политики, особено во периоди на изборни процеси, МРТ за време на избори ќе се фокусира на емитување дебатни програми, како вид на посебна информативна програма преку која граѓаните најлесно добиваат впечаток за кандидатите и нивните ставови.
Во согласност со својата обврска од член 76-а став 11, МРТ на Првиот телевизиски програмски сервис - МРТ1 ќе емитува дебатни програми еднаш неделно, од денот на распишување на изборите до изборниот молк.
Дебатни програми повремено ќе се емитуваат и на другите програмски сервиси на МРТ во согласност со кадровските и техничките можности.
Дебатите ќе бидат на релевантни теми, во зависност од тоа за каков изборен процес станува збор, определени од уредничкиот тим на МРТ. Непосредно пред распишување на изборите и непосредно пред започнување на изборната кампања, МРТ ќе објави детални планови за емитување дебатни програми на своите сервиси и за периодот од распишување на изборите до започнување на изборната кампања и за периодот од започнување на изборната кампања до изборниот молк. Плановите ќе содржат распоред на емитувањето на дебатите, теми и очекувани учесници на секоја од нив.
Дебатите од распишувањето на изборите до започнување на изборната кампања ќе бидат соочувања на најголемите политички партии од власта и од опозицијата, а можност за учество во нив ќе имаат и сите политички субјекти што учествувале на претходните избори. Во дебатите за време на изборна кампања ќе учествуваат сите потврдени учесници во конкретниот изборен процес.
МРТ ќе ги утврди правилата за дебатирање (бројот на одговори/реакции на презентациите на кандидатите) кои ќе важат за учесниците во дебатата.
За да се обезбедат услови за еднаков пристап до дебатните програми и за еднакво претставување на кандидатите, уредничкиот тим на МРТ ќе води сметка, учесниците во дебатите да бидат на еднакви позиции во политичките партии што ги претставуваат и некои личности да не се појавуваат премногу често. Сепак, партиите го задржуваат правото да определат профил на својот претставник кој ќе учествува во дебатата. За да се задржи нивото, МРТ препорачува најниско ниво за учесник да биде претседател на ресорна партиска комисија.
МРТ ги информира партиите дека кога нивните претставници учествуваат во дебати кои се снимаат пред да бидат емитувани и кои не се во живо од студио, нема да имаат право да побараат коригирање или бришење на она што го изјавиле.
Водителот на дебатата мора да се однесува според етички и професионални принципи на непристрасност и неутралност кон сите учесници во дебатата. Тој/ таа не смее да покажува пристрасност кон одредена политичка опција/учесник, не треба да поставува „наведувачки прашања“ и мора да им даде можност на сите учесници да ги изразат своите ставови и мислења.
МРТ ќе организира дебати без оглед дали некоја партија ќе го откаже учеството. Во таков случај ќе биде оставено празно столче за отсутните, публиката ќе биде информирана за причините на отсуството, а останатите учесници ќе продолжат да дебатираат.
Јавниот радиодифузен сервис ќе се обиде дел од дебатните програми да ги направи достапни и за лицата со оштетен слух.
Интервјуа
Интервјуа главно ќе се емитуваат со претставници на институции и организации задолжени за релевантни аспекти од организацијата на фер и демократски избори.
По потреба, во зависност од видот изборен процес, МРТ ќе емитува и интервјуа со потврдени кандидати на изборите или пак со претставници на политичките партии. Доколку уредничкиот тим на МРТ одлучи да се емитуваат интервјуа за време на изборната кампања од конкретен изборен процес, непосредно пред почетокот на кампањата ќе објави план за интервјуата што планира да ги емитува со датуми и термини и очекувани гости.
III. ДРУГИ ИНФОРМАТИВНИ И ЗАБАВНИ ПРОГРАМИ
Од распишување на изборите до нивното завршување, во другите свои посебни информативни програми, МРТ нема да известува за предизборни активности. Програмите на МРТ кои исполнуваат забавна медиумска функција нема да се користат за претставување на учесници во изборниот процес, ниту пак, за интервјуа со носители на јавни функции.
IV. БЕСПЛАТНО ПОЛИТИЧКО ПРЕТСТАВУВАЊЕ
Во согласност со обврските за емитување бесплатно политичко претставување од Изборниот законик, МРТ за време на изборната кампања, и во првиот и во вториот круг на гласање, ќе емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес. Времето за бесплатно политичко претставување на секој од учесниците во изборниот процес ќе биде определено според принципите за избалансирано покривање на изборите (еднаквост односно пропорционалност) утврдени во членот 75-а од Изборниот законик.
Непосредно пред започнување на изборната кампања, МРТ ќе го објави распоредот за емитување на бесплатното политичко претставување. Датумот и редоследот за емитување на бесплатното политичко претставување на учесниците во изборната кампања ќе се утврди со ждрепка.
Бесплатното политичко претставување на телевизиските програмски сервиси ќе се емитува во периодот од 16:00 до 23:00 часот.
Програмскиoт сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија во времетраење од по три часа ќе обезбеди бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија, како и еден час за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието на Република Македонија. Во однос на користењето на трите часа, односно на едниот час, учесниците во кампањата ќе можат да одлучат дали ќе достават снимен материјал од активности за спроведување на изборна кампања или своето време ќе го искористат за директно обраќање од студио.
Бесплатното политичко претставување ќе биде соодветно и видливо означено како „бесплатно политичко претставување” во текот на целото времетраење на емитувањето.
V. ПРАВО НА ИСПРАВКА И ОДГОВОР
Кој може да бара објавување на исправка/одговор
Кој било учесник во изборен процес (кандидат, политичка партија, коалиција итн.), како и секое физичко или правно лице, има право од МРТ, односно од одговорен уредник во МРТ да бара, без надоместок, да објави:
- исправка на објавена информација во која се наведуваат неточните факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси; или
- одговор на објавена информација, доколку има поврзаност со фактите објавени во информацијата или има легитимен интерес.
Барањето за објавување исправка, односно одговор се поднесува во писмена форма:
- образложено и потпишано од страна на подносителот, со сите потребни податоци за него;
- со јасно посочување на информацијата (или податокот) на која се однесува и датумот на нејзиното емитување.
Содржина и начин на објавување на исправката/одговорот
Покрај исправка на погрешните тврдења или на неточните наводи во објавената информација, во исправката може да се изнесуваат факти и околности со кои подносителот на исправката ги побива или битно ги дополнува наводите во објавената информација.
Исправката се објавува, без измени и дополнувања и не смее да биде несразмерно подолга од информацијата, односно од делот на информацијата на која се однесува. Може да се објави во изменета форма само со согласност на подносителот на барањето.
Одговорот содржи текст или порака од иста природа и со иста должина, како и објавената информација. Со одговорот суштински се негираат или битно се надополнуваат спорните наводи за фактите и податоците во објавената информација.
Одговорот на објавената информација се објавува без промена или дополнување со исклучок на правописните грешки. Одговорниот уредник во МРТ, има право од подносителот на барањето за објавување на одговор пред објавата да побара скратување на одговорот.
Заедно со исправката, односно одговорот нема да се објавува нивен коментар.
Рок за објавување и други услови
За време на изборен процес, исправката, односно одговорот, ќе бидат објавени во првото следно издание на програмата во која била објавена информацијата на која се однесуваат или во првата следна програма од ист вид, со исто ниво на гледаност или слушаност, на ист или соодветен начин на оној на кој била објавена информацијата, веднаш по примањето на барањето.
Доколку барањето за исправка, односно одговор не е поврзано со изборниот процес, тогаш ќе се применуваат роковите и условите за нивно објавување утврдени во Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013 и 13/2014).