Ќе се олесни работењето на фармацевтите и аптеките
Аптеката ќе мора да му издаде лек на осигуреникот доколку го има на полица, што е во рамки на својата квота, фискална сметка за износот на лекот, партиципацијата и доплатата, доколку има...

Аптеката мора да издаде лек на осигуреник доколку го има на полица во рамките на својата квота и од 1 април 2016-та да издава фискална сметка на која ќе се види целосниот износ на лекот, партиципација и доплатата, ако има. Ова се две новини кои заедно со бришењето на казните кои се неоправдани денеска ги соопшти Фондот за здравство.
Новите анекси на договорите за 2016 година за аптеките овозможуваат подобро планирање на времето на фармацевтите без да остануваат секојдневно да средуваат административни работи по работното време. Измените се во насока на унапредување на електронското работење.
„Новите анекси на договори предвидуваат намалување на осум договорни казни од половина месечен надоместок во опомена, но само за првиот констатиран прекршок. Доколку истиот прекршок се повтори, нагласи, тогаш ќе се изрече казна од половина месечен надоместок. Бришеме 5 договорни казни. За две раскинувања на договор како што досега беше предвидено, со новиот анекс се предвидува само парична казна, како и две договорни казни од еден месечен надоместок се намалуваат во половина месечен надоместок“, вели директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.
Казните кои се бришат се однесуваат на секојдневното зачувување на податоците што сега се врши автоматски, набавка на компјутерска опрема и интернет – сега аптеката не може да работи без компјутер и интернет, освен во утврдени случаи, односно се бришат одредби кои биле актуелни во минатото, а сега го оптоваруваат работењето на фармацевтите и се секојдневна рутина.
За фармацевтите во аптеките претставува големо олеснување ослободувањето од одредени казни кои досега ги оптоварувале, истакна претседателот на Фармацевтска комора на македонија, Бистра Ангеловска.
„Работиме на сите прашања кои се поврзани за добро снабдување со лекови, а подобра работа на аптеките и пружање на фармацевтска здравствена услуга“, вели Ангеловска.
Годинава ФЗОМ контролирале над 170 аптеки, од кои на 89 им е изречена договорна казна. ФЗОМ, има склучено договори за издавање лекови на рецепт со вкупно 772 аптеки од кои 68 се аптекарски станици, шест се подвижни аптеки и три се рурални аптеки.
Ана Јосифоска- Тодоровска
