Нова домашна инвестиција во Бунарџик: Технопласт ќе отвори 200 работни места

29.12.2015 15:55

По Хај-тек, и Техопласт со одлука да инвестира во Бунарџик. Потпишан договорот вреден 10 милиони евра кој треба да отвори нови 200 работни места. Ќе се произведуваат делови за автомобилската и електроиндустријата...

Домашната компанија „Технопласт“ ќе инвестира 10 милиони во Бунарџик и ќе отвори 200 работни места. Потпишан е договор за влез на уште една македонска компанија во слободните зони. Во погоните ќе се произведуваат алати и пластични компоненти, кои наоѓаат примена во автомобилската и во електричната индустрија. Целокупното производство ќе биде наменето за извоз.

„Во првата фаза ќе бидат инвестирани шест милиони евра за изградба на објектот и за набавка на нова опрема. Ќе се вработат сто државјани на Република Македонија. Во втората фаза ќе бидат вложени четири милиони евра, ќе се вработат уште 100 лица, и ќе се инвестира во нова опрема и развој на технологии“, изјави сопственикот на компанијата, Ѓорче Тодоровски.

Првите вработувања може да се очекуваат кога ќе се изгради објектот, најдоцна до март 2017-та година.

„Ивестицијата вреди 10 милиони, ќе се вработат вкупно 200 луѓе, во првата фаза ќе имаме објект од околу 3.000 квадратни метри кој потоа би се проширил и би се дуплирал. Површината која се закупува во Бунарџик- Скопје 1 е околу 12 илјади квадратни метри“, рече првиот човек на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Целта на инвестицијата, како што појасни сопственикот, е наметната од потребата за реализација на веќе постоечките проекти, кои компанијата ги има со реномирани фирми од автомобилскиот сектор. Веќе соработува со БМВ, Ауди и Рено.

Технопласт е втора домашна компанија која донесе одлука да инвестира во Бунарџик. Минатата недела, „Хај-тек“ најави инвестиција од 20 милиони евра и отворање на 300 работни места.

 

Анита Димитријевска