Потпишан договор, Битола ќе добие топлификација
Ставен е потпис на договорот за топлификацијата на Битола, Новаци, Могила, Логоварди. Германската КФВ Банка ќе го финансира проектот со 39 милиони евра, заем добиен под исклучително поволни услови. Централниот топлински систем треба да донесе пониски сметки, но и помало загадување...

Пониски сметки, помало загадување, заштеда на електрична енергија. Ова се главните очекувања од проектот за топлификација на Битола и на околните општини, Могила, Новаци и Логоварди. Реализацијата почнува, потпишан е договорот со германската КФВ Банка, вреден 39 милиони евра. Другите 7,5 милиони евра ќе ги обезбеди ЕЛЕМ од сопствени средства. Во мрежата освен домаќинствата за Битола предвидено да се приклучат и 35 јавни објекти. Според потписниците на договорот, проектот решава децениски проблем.
„Денеска уште едно ветување на Владата на Република Македонија станува реалност. Со договорите кои ги потпишавме обезбедени 39 милиони евра. Секако дека придобивките од топлификацијата се повеќекратни. Најголемата придобивка е елиминирањето на повеќе извори на загадување на животната средина“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Со проектот е предвидено да се употреби отпадната неискористена топлинска енергија од РЕК Битола преку изградба на систем за топлинска енергија.
„ЕЛЕМ ќе го спроведе овој договор во период од четири години. КФВ ќе ја исплати сумата од 39 милиони евра директно на компанијата изведувач која што ќе биде избрана преку меѓународен тендер. Парите ќе бидат исплатени на рати“, изјави Ханс Халге Сендер, заменик амбасадор на Германија.
„Германско- македонската соработка на полето на климатските промени и заштитата на животната средина. Веќе имаме спроведено проекти од програмата за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија“, вели Рајнер Суенен, главен менаџер на КФВ банка.
Проектот ќе отвори нови работни места, но ќе повлече ангажман и на градежните компании. ЕЛЕМ треба да го спроведе проектот во период од 4 години.
„Во изминатиот период изготвивме физибилити студија, ја подготвивме и ревидиравме техничката документација која е веќе одобрена од надлежните институции, а изведено е и прилагодување на двата блока во РЕК Битола“, вели Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.
Средствата од германската банка се добиени со фиксна стапка, која е фиксирана на 1,5%.
Дијана Ценевска
