Имотен лист од дома во три чекори

29.12.2015 16:41

Пуштен е во употреба новиот Дистрибутивен систем на Катастарот. Имотниот лист и другите податоци од Агенцијата се достапни во три чекори...

Наместо на шалтер од денеска граѓаните и фирмите можат да нарачаат имотен лист од дома, од канцеларија или во движење. Пуштен е во употреба новиот Дистрибутивен систем на Катастарот. Имотниот лист и другите податоци од Агенцијата се достапни во три чекори - впишување на бројот на имотен лист или парцела, додавање во кошничка и плаќање преку интернет, преземање на документот кој е електронски потпишан. Ова ќе овозможи намалување на трошоците, но и на метежот на шалтерите во катастарот.

Корисниците бараните податоци можат да ги добијат во дигитална или хартиена форма. Дигиталните се за 20 проценти поевтини од  хартиените податоци.

Податоците што се издаваат во електронска форма се официјални податоци потпишани со дигитален сертификат на агенцијата за катастар и истите се јавни исправи. Можат да се користат пред други државни органи, банки и институции кои имаат информациoни системи.

 

Сунчица Николоска