Мериленд: Ледена изложба за прослава на Новата година

30.12.2015 10:35

Њујорк ја има кристалната топка на Тајмс Сквер, Вашингтон огномет, а дочекот на Новата 2016-та во Мериленд е со најголемата изложба на ледени скулптури. Три месеци, уметници од Кина ги создаваат ледените скулптури за изложбата што оваа година ќе ја посетат околу 200 илјади луѓе.

Добредојдовте во селото на Дедо Мраз на Северниот пол. Вака почнува изложбата на ледени скуптури во Мериленд, атракција во хотелот „Геилорд“ каде многу Американци и туристи ја дочекуваат Новата година шетајќи покрај ледените скуптури а минус 12 степени.

„Еден од начините да се прослави Нова Година во САД е со ледена изложба. Не знам точно колку ги има, но порано живеевме на Аљаска и таму посетивме ледена изложба. Очигледно таму е доволно студено за изложба на отворено, но оваа е прва што ја посетивме во затворен простор. Ова е убав начин за прослава на Новата година.“

„Изложбата е супер, ни се допадна многу.“

„Ова најмногу ми се допаѓа и санкањето.“

„Првпат сме во посета на изложбата и не бевме подготвени колку е студено, но вредеше“, велат посетителите кои ги анкетиравме.

Оваа година се навршуваат 45 години од емитувањето на телевизиската серија „Дедо Мраз доаѓа во градот“, па и Ледената изложба е посветена на оваа годишнина. Изложбата нуди за сите по нешто. За возрасните направен е Леден град со места за пијалаци, храна и продавници. Децата можат да го видат и да се фотографираат со ледените скуптури на Дедо Мраз. И големите и малите го обожаваат санкањето на мраз.

„Ова е седма година како ја правиме изложбата на ледени скултури. Секоја година под различно мото. Оваа година мотото е „Дедо Мраз доаѓа во градот“. Донесовме околу 1 милион килограми мраз за да ја создадеме нашата ледена атракција. Најпопуларното нешто што луѓето го прават е лизгањето на петте лизгалишта што се на две нивоа опкружени со ледените скуптури. Овде е минус 12 степени и дефинитивно луѓето мора да се облечат топло, но е многу забавно“, вели Рејчел Динбоковиц- претставник на Ледената изложба во хотелот „Геилорд“ во Мериленд.

За создавање на оваа ледена атракција во Мериленд задолжени се уметници од североисточна Кина  од градот Харбин, каде секоја година се одржува најголемата изложба на ледени скуптури во светот, на која учествуваат околу 2.000 уметници.

„Ние работиме со група уметници која се нарекува Меѓународни специјални атракции. Тоа се 35 уметници од Харбин во Кина коишто доаѓаат во Мериленд на средината од октомври и потребни им се околу еден месец за да ги содадат скуптурите за ледената изложба. Тие се најдобрите уметници со ледени скуптури во светот и многу ни е драго што работат за нас и ги создаваат овие масивни ледени скуптури за изложбата“, објаснува Динбоковиц.

Во седумте простории на околу 4.500 метри квардратни, можете да видите сцени од сите приказни за Дедо Мраз и неговите помошници. Посетителите можат да се искачат во ледените замоци и да се фотографираат во нив. Тука има и сцена од Христовото раѓање, но и кинески змејови. Најбучни и најзабавни се ледените лизгалишта, каде посетителите можат да се лизгаат со санки на мраз.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ