Да не се затвораат матичните ординации
Да не се ликвидираат матичните ординации по пензионирањето или по смртта на сопствениците.Здружението на приватни лекари на Македонија бара законски измени.

Здружението на приватни лекари бара законски измени со кои пациентите нема да избираат матичен лекар туку здравствена установа. Промената на член 32 од Законот за здравсвтена заштита и на чл.28 од Законот за здравствено осигурување, според претседателката на ЗПРЛМ д-р Лилија Чолакова-Дервишова, треба да овозможи пациентот автоматски да остане во ординацијата што има повеќе вработени доктори, доколку нивниот матичен лекар замине во пензија или почине, а не фирмата да се ликвидира. Ова го предлагаат поттикнати од секојдневните проблеми со кои се среќаваат пациентите барајќи да останат на иста локација, во иста ординација , но и лекарите што остануваат без работа (автоматски со заминување на матичниот лекар неговите пациенти не ги наследува другиот вработен во ординацијата). Пред една недела почина матичен гинеколог со ординација во скопски Чаир, а 6000 пациентки останаа без здравствена заштита. Вработениот лекар остана без работа 5 месеци пред пензија. Не е добро ниту за пациентите да останат без доктор и кога им е итно да бараат нов на друго место, ниту за лекарите коишто не се во рамноправна положба со другите фирми. Не може да ги ликвидира тој што не ги отворил, особено ако ординациите работат добро, вели д-р Чолакова. Ако ординацијата е утврдена во здравствената мрежа така треба и да остане, а не да згасне, смета Чолакова пренесувајќи го ставот на сите членови.
ЗПРЛМ барањето го аргументира со неколку законски одредби според кои ,,здравствената дејност ја вршат здравствените установи организирани според здравствената заштита“(чл.12 ЗЗЗ) Затоа во иницијативата до Владата, лично до премиерот Груевски, до министерот за здравство Тодоров, до директорката на ФЗОМ Парнарџиева-Змејкова бараат законски измени со кои пациентите наместо да избираат матичен лекар да изберат здравствена установа на примарно ниво(приватна матична лекарска ординација).
,,Не е можно здравствените установи да бидат вршители и продавачи на здравствени услуги, а пациентите да избираат лекари “-пишува во иницијативата, затоа што едното со другото е во колизија,односно не е во согласност со ЗЗЗ.Сите законски обврски се на установата, односно правното лице ,а не на избраниот лекар .
Здружението на приватни лекари се надева дека иницијативата ќе се прифати и дека ќе соработува со Министерството и со Фондот добро како и досега.
Соња Стојановска
