Зголемени безбедносни мерки во светските метрополи за дочекот на Новата година

30.12.2015 12:44

Во светските метрополи привршуваат подготовките за прославата за најлудата ноќ. На плоштадите кадешто ќе се слави, ќе има зголемени мерки на безбедност, поради можни терористички напади.

Во пресрет на дочекот на новата година, светските метрополи ги прават последните подготовки, но ги подигнуваат и безбедносните мерки на највисоко ниво поради страв од можни терористички напади.

Индиската влада го зголеми бројот на полицајците кои патролираат, откако разузнавачките служби предупредија дека во земјата влегле 20 членови на пакистанската терористичка група „Лакшар е таиба“ и планираат повеќе напади, а според сознанијата цел бил и премиерот Моди.

Њујорк- една од најполуларните дестинации за пречекот на Новата година, исто така е во состојба на подготвеност.

„Секоја година милион луѓе се собираат на Тајмс сквер, затоа мора да бидеме исклучително внимателни. Мерките кои ги преземаме се од превентивна природа. На улиците ќе има огромен број полицајци вклучително и голем број припадници на антитерористичките екипи“, изјави Бил Де Бласио, градоначалник на Њујорк.

„Полицијата треба да се грижи за безбедноста на граѓаните. Луѓето треба слободно да се движат за време на прославата“, вели началникот на полицијата Џејмс О’Нил.

И германија ги засили мерките за безбедност. Во Берлин каде што ќе се одржи најголемата прослава, полицијата воведе посебни мерки. Илјадници посетители кои секоја година прославуваат меѓу Брандебуршката порта и Столбот на победата нема да можат  да носат ранци, чанти, куфери, шишиња од стакло или муниција за огномет.

„Нападот може да се случи секаде. Ние не знаеме што планираат тие.“

Во Белгија веќе се во сила мерките за безбедност на највисоко ниво.

„Не се чувствувам пријатно. Има толку многу полиција насекаде.“

„Не се плашам мислам дека тука сме безбедни.“

Традиционалната виенска прослава, пак, ќе ја обезбедуваат повеќе од 1.500 полицајци. Иако руската јавност негодуваше, рускиот претседател Путин донесе одлука за првпат Црвениот плоштад да биде затворен за Новогодишната ноќ.

 

Марија Петковска