Ако купувате или продавате недвижност од над 20.000 евра, ќе мора да ангажирате адвокат

30.12.2015 14:35

Ако сакате да купите или да продадете стан или друг објект во вредност од над 20 илјади евра, ќе ви треба адвокат. Сепак, тоа не значи дека ќе имате дополнителни трошоци...

Ако продавате или купувате стан, куќа или каков и да било имот чијашто вредност е повисока од 20 илјади евра, во иднина ќе мора да ангажирате и адвокат. Добрата вест е што граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци, туку за истата сума којашто до сега ја исплаќале на нотарот за срочување на нотарски акт, ќе добијат и правна заштита од адвокат.

„Се работи за предмети кои се од посериозно значење за граѓаните. 20.000 евра се некој минимум за недвижен имот. Кога некому еднаш или два пати во животот ќе се најде во ситуација да продва или купува недвижен имот над 20.000 евра, логично е, дури и да не е ваквата предвидена клаузула, би требало да се направи во консултација со адвокат. Зошто- бидејќи на тој начин ќе се одбегнат во иднина многу поголеми трошоци во евентуални парнични постапки ако не било се како што треба. Искуството покажува, имаме еден куп парнични предмети со кои се бара поништување на некакви нотарски акти, па дури се даваат и кривични пријави итн“, објаснува Никола Додевски, претседател на адвокатската комора.

Граѓаните сами ќе избираат кој адвокат ќе го ангажираат, а доколку не сакаат да го сторат тоа, во нотарските канцеларии ќе постои регистар на адвокати кои ќе се ангажираат по службена должност.

Измените во законот за нотаријат се во собраниска процедура. Познавачите велат дека вака концепираниот закон нуди поголема правна заштита на граѓаните, затоа што се избегнува можноста за идни судски спорови, како на пример оние кога граѓаните купиле стан којшто има нерасчистени имотни или хипотекарни прашања.

 

Анита Димитријевска