Започна со работа Детската болница „Козле“

30.12.2015 14:47

Стартува да работи Детската клиника за белодробни заболувања „Козле“. Новиот објект кој беше отворен пред 15-ина дена, е единствен од ваков тип кај нас и еден од најмодерните во регионот. Објектот содржи и дневна болница со капацитет за згрижување на 30 до 40 деца, а тука ќе биде сместен и Центарот за цистична фиброза. За еден од најкрупните проекти во областа на здравството беа вложени околу 7 милиони евра...

Детската болница Козле ги прими првите пациенти. Во новиот објект прегледани се 50 дечиња, 10 биле ургентни. Секое дете кое ќе биде болнички лекувано, ќе може да биде придружувано од родител, што не беше случај досега. Едукацијата на лекарите во странство ќе овозможи и примена на нови методи во лекувањето кај децата.

„Ќе ја отвориме првата слип апнеа лабораторија. Среќни сме, ова претставува голем ден за нас. Секое дете освен во современи, еднокреветни и двокреветни соби ќе биде со мајка придружник. Автоматски стресот на детето ќе биде сведен на минимум“, вели Оливер Зафировски- директор на Болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“.

Новата, модерна болница ќе овозможи подобри услови за работа на лекарите, а за пациентите подобра здравствена грижа.

„Подобра работна атмосфеа подобро ниво на квалитетна здравствена заштита - тоа ќе придонесе овој сегмент кој што е многу значаен во здравствениот секотр, а тоа е сегменот на давање на здравствена заштита на децата да добие една нова димензија комплетно нова и сериозно повисока во однос на тоа што го имавме претходно“, рече министерот за здравство, Никола Тодоров.

Болницата има капацитет од 210 кревети и 18 амбуланти, со што за три пати е зголемен капацитетот на болницата. Целта е побрза дијагностика, како и намалено време на чекање на пациентите.

Детската болница „Козле“ е изградена според сите светски стандарди, во неа се инвестирани седум милиони евра. Денеска ги згрижи првите пациенти.

Сезоната на грип доцни, па оттука и не е зголемен бројот на дечиња кои се примени во детската болница, но ова може да се промени како резултат на аерозагадувањето. 

 

Андријана Атанасовска