И девојките ќе скокаат!
Натпреварувачките во скијачки скокови ја имаа најголемата лоби-група за вклучување во олимписката програма. По долготрајна битка за рамноправност, тие ќе дебитираат во Сочи и тоа со натпревар на помалата, 100-метарска скокалница. Ќе добијат медали само во таа дисциплина, за разлика од нивните колеги, скокачите, коишто по традиција имаат и поединечна и екипна борба за трофеи и на поголемата 130-метарска скокалница.

Правилата се едноставни, сите натпреварувачки ќе изведат по еден скок, најдобрите 30 ќе настапат и во финалната серија, а освен должината на скоковите, бодови и тие ќе добиваат за стилот и за изведбата.
Интересна е предиграта по којашто женските скијачки скокови станаа олимписки спорт, рамноправен со машките, коишто се во програмата уште од далечната 1924. Требаше неколку од врвните натпреварувачки да поведат правна постапка, за конечно да се исполни нивниот и сонот на уште многу други олимписки ентузијастки. По повеќегодишна неуспешна битка низ олимписките лавиринти, тие го тужеа Организацискиот Комитет на Игрите во Ванкувер 2010 на суд во Канада, обвинувајќи го за полова дискриминација. Врховниот Суд на Британска Колумбија пресуди во нивна полза, по што и Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК) мораше да попушти и да ги додаде женските скијачки скокови во програмата за Сочи.
Иако последнава деценија, додека спортот добиваше на популарност, во него доминираа скокачки од Европа и од САД, супериорна годинава во Светскиот Куп и со најголеми шанси за злато во историскиот прв олимписки натпревар е 17-годишната јапонска тинејџерка Сара Таканаши, повеќекратна победничка на натпреварите оваа сезона.