Зголемени мерки за безбедност во повеќе светски метрополи
Мерките за безбедност се подигнати на највисоко ниво. Владата во Белгија донесе одлука да ја откаже централната манифестација во центарот на Брисел.

Поради закани од терористички напади светските метрополи во страв ги прават последните подготовки за новогодишната ноќ. Мерките за безбедност се подигнати на највисоко ниво. Владата во Белгија донесе одлука да ја откаже централната манифестација во центарот на Брисел. Одлучивме да ја откажеме прославата, бидејќи огнометот и различните содржини ќе донесат многу луѓе во Брисел, се вели во соопштението на Владата.
„И да имаше прослава јас не би отишол, бидејќи неколку луди глави можат да направат голем проблем“, вели жител на Брисел.
„Слушнав дека е откажан огнометот. Малку сум тажна бидејќи сакав да го видам градот во едно поинакво светло“, вели една туристка.
„Полицијата сигурно има сознанија за некакви напади заради тоа се реши на ваков чекор“, додава жител на Брисел.
Речиси сите метрополи ги зајакнаа мерките за безбедност. Во Италија 1.600 полицајци ќе се грижат за безбедноста на граѓаните. На Црвениот плоштад е откажана прославата, додека во Берлин има забрана за носење пиротехника и ранци во круг од околу еден километар околу Брандербуршката порта. Приодот кон неа исто така ќе биде така ограничен.
И градските татковци на Њујорк ќе распоредат антитерористички екипи поради заканите од Исламска држава. Во Виена не е откажана прославата, но 1.500 полицајци се распоредени во австриската престолнина.
Марија Петковска
