Тужба: Чавков против Спасовски за смена на началниците

31.12.2015 13:12

Според Чавков, Спасовски на незаконски начин извршил смена на началниците на Сектори на внатрешни работи во неколку градови во земјава.

Заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков поднесе тужба до Управниот суд, против техничкиот министер Оливер Спасовски. Според Чавков, Спасовски на незаконски начин извршил смена на началниците на Сектори на внатрешни работи во неколку градови во земјава.

Оливер Спасовски флагрантно ги прекрши законите за внатрешни работи и полиција, согласно кои се постапува во вакви случаи. Исто така во крајно незаконска и нетранспарентна постапка Оливер Спасовски именуваше нови началници, истакна Чавков.

Тој додаде дека по направените анализи е утврдено дека Спасовски воопшто не навел на кои места ги прераспоредува разрешените началници, а решенијата не содржат причини поради кои се врши разрешувањето.

Бараме од судот да донесе решение за времена мерка со која се запираат прераспоредувњата на лицата, како и пресуда со која се поништуваат решенијата на техничкиот министер Оливер Спасовски за распоредување, рече Чавков, додавајќи дека ваквите разрешувања предизвикуваат опасност за уредно, целосно и безбедно извршување на законските надлежности на Министерството.

Разрешените началници, како што информира Чавков, веќе поднеле приговори на решенијата до второстепената комисија по што ќе поднесат и тужби.