Груевски: 2016-та е година на народот
Груевски во Новогодишното обраќање ја повика опозицијата да не бега од народот, достоинствено да го потврди своето учество на изборите и да се придржува кон преземените обврски. „На народот му е преку глава од натегања, конфлики и судири. Народот од нас бара решенија за нивните секојдневни проблеми“, вели премиерот.

Изборите во април ќе стават крај на ова тешко бреме, а ќе одлучувате вие граѓаните- вели во Новогодишното обраќање премиерот Груевски кој 2015- та ја оценува како година на вонредни предизвици и неочекувани проблеми. Според него, на земјава и се случила политичка криза, најтешката во историјата на независна Македонија, откако, како што вели, желбата да ја собори оваа власт, некого го натерала незаконски и криминално да организира и да снима телефонски разговори, кои откога биле добро спакувани, со месеци биле оружје со кое се сакало да се постигне целта- промена на власта.
„Во 2016-та година вие граѓаните ќе ја решите 2015 година. 2016 година е година на народот, година кога народот на фер и демократски избори на 24-ти април, ќе ја соопшти својата одлука и ќе ја прати својата порака. Изборите во април ќе стават крај на оваа тешко бреме, а вие граѓаните ќе одлучите. Никој друг, туку вие граѓаните. Изборите во април ќе бидат и своевидна порака до сите политичари и лица или структури и организации кои директно, индиректно, или само како набљудувачи биле и се вклучени во сите случувања кои ги доживеавме и преживеавме заеднички изминатава година. Изборите ќе треба да донесат нов ветар во грб, енергија, сила, за градење на подобра иднина, на посветла иднина, ќе бидат своевиден излез, светло на крајот на тунелот. Следната година треба да биде година кога ќе ја видите најсеопфатната програма што било која политичка партија воопшто ја направила во Македонија. Понуда која ќе значи подобар живот, повеќе проекти, мерки, реформи, дела, посветла, сигурна, предвидлива иднина“, нагласува премиерот Груевски.
Груевски ја повика опозицијата да не бега од народот, достоинствено да го потврди своето учество на изборите и да се придржува кон преземените обврски. „На народот му е преку глава од натегања, конфлики и судири. Народот од нас бара решенија за нивните секојдневни проблеми“, вели премиерот.
„Изборите во април ќе бидат фер и демократски. И сите ние треба да направиме максимум тоа да биде така. Реформираниот закон за избори за прв пат ќе биде применет. Тој помеѓу останатото, предвидува, отсега па на сите наредни парламентарни избори, премиерот ако повторно излегува на изборите, да се повлече од функцијата, во еден кус временски период пред изборите, со цел да се осигура дека со тоа што нема да е во извршната функција, нема да има некаква предност во добивањето на довербата на гласачите. Јас прв ја подржувам оваа реформа, затоа што верувам во својот народ, и не сакам да дозволам алиби на било кого за да избега од соочувањето со народот“, вели Груевски.
Во 2015-та, вели премиерот Груевски, настаните во Куманово, дале еден друг печат на сите општествено-политички и безбедносни случувања, кои според него имаат историско значење. Изразува почит кон полицајците кои, како што вели, ги загубиле животите херојски, на браникот на татковината.
Груевски порачува дека по сите безбедносни и политички предизвици, фокусот повторно се враќа на економијата и заложбите за подобар живот на македонските граѓани.
Миле Ристески
