Најавени нови инвестиции, во 2016-та продолжува позитивниот економски тренд
Остваривме нова рекордно ниска стапка на невработеност, имаме уште работа на овој план, но, на добар пат сме- вели премиерот Груевски во новогодишното обраќање...

Во 2015- та остваривме нова рекордно ниска стапка на невработеност, имаме уште работа на овој план, но, на добар пат сме- вели премиерот Груевски во новогодишното обраќање сумирајќи ги економските резултати за оваа година. Најави нова инвестиција во Велес. Се очекува во јануари компанијата да ја потврди одлуката за рестартирање на постоечки објект и да се отворат нови 1.000 работни места. Според Груевски уште 35 компании ќе донесат одлуки за инвестирање.
„Американската Делфај одлучи да инвестира во зоната во Скопје и да вработи 500 луѓе. По успехот во Штип, Џонсон Контролс објави дека отвора нов капацитет во Струмица, кој ќе отвори 1.500 нови работни места. Со нашите економски политики и посветеност, сме успеале, да овозможиме отворање на нови над 150 илјади работни места. Државниот долг на земјата не се зголеми, туку и се намали од 39 на 36 отсто од БДП, и сме 4-та најниско задолжена земја во Европа, според ЕУРОСТАТ. Позитивниот тренд во економијата особено на полето на инвестициите ќе продолжи и во 2016-та, за кога е проектиран раст од 4 отсто од БДП, и натамошно намалување на невработеноста“, вели премиерот Груевски.
Идната година и пензиите и социјалната помош ќе се зголемат за 5 отсто, ќе се зголеми и минималната плата. Од 2006-та година, просечната пензија пораснала за 70 отсто, а најниската пензија за 84 отсто. Премиерот Груевски, најави во 2016-та изградба на нови државни пензионерски домови за пензионери со пониски пензи и нови градинки.
„Досега од 2006-тата просечната пензија порасна за 70 отсто, а најниската пензија за 84 отсто. Во 2016-та треба да започне и градбата на нови државни пензионерски домови за пензионери со пониски пензии. Социјалната помош наместо за ветените пет во 2015-та порасна за 10 отсто, и ќе има ново покачување во 2016-та од најмалку пет отсто“, рече премиерот Никола Груевски.
Тече градбата на трите автопата во Македонија. Речиси готова е и реконструкцијата на автопатот Велес- Катланово, а во 2016-та ќе се реконструира автопатскиот дел Смоквица- Гевгелија и Куманово- Скопје. И новиот проект „Купи куќа“ се очекува да се реализира, а илјадници млади луѓе до 35 години во наредните години да обезбедат куќа под исклучително поволни услови со поддршка на државата.
Според премиерот, идната година и земјоделците ќе можат да сметаат на нови 150 милиони евра. Во 2016-та ќе се градат неколку нови болници, и ќе се реконструираат.
Во 2016-та ќе почне градбата на три студентски дома.
Дијана Ценевска
