Промовирани 20 наслови од нов владин капитален проект
Како што информира премиерот Никола Груевски, станува збор за проект со кој продолжуваат заложбите на Владата во Македонија да се донесе сето она што недостасува или беше тешко достапно за македонските студенти на македонските универзитети и општо на македонските читатели...

Автобиографии и монографии за светски познати личности, спорт, здраво живеење и исхрана, превод на дела за најпознатите битки и војни во историјата, како и дела од архитектурата и дизајнот се четирите области од новиот проект на Министерството за култура и Владата во рамки на кој денеска беа промовирани 20 дела.
Како што информира премиерот Никола Груевски, станува збор за проект со кој продолжуваат заложбите на Владата во Македонија да се донесе сето она што недостасува или беше тешко достапно за македонските студенти на македонските универзитети и општо на македонските читатели, а кое потенцира се најдоброто и најбараното во светот во секоја од наведените области.
Овој проект претставува продолжение на нашите инвестиции во образованието, во културата, во знаењето, во науката, спортот, младите и севкупно во иднината на Република Македонија. Овие области и во 2016 година остануваат едни од главните приоритети на Владата, порача премиерот.
Тој истакна дека во делот на автобиогарфската литература проектот нуди можност за македонските читатели да се запознаат од блиску со животот и делото на исклучително значајни личности кои со својата позиција, дејствување и достигнување останале трајно врежани во светската меморија. Првите 10 книги се однесуваат на животот и делото на Моцарт, Бенџамин Френклин, Бонапарта, Тито, Хрушчов, Петар Велики, Стив Џобс, Медлин Олбрајт, Микеланџело и Марија Кири.
Втората област застапена во овој проект е од сферата на спортот и здравото живеење, и како што нагласи премиерот, е во корелација со повеќегодишните заложби, кампањи и мерки на Владата за развој на спортот и здравите животни навики.
Во однос на книгите од областа на најпознатите битки и војни во историјата шефот на Владата истакна дека ќе бидат корисни за македонските историчари и научници, но и пошироката публика.
