Нови 50 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“
Проектот започна во 2012 година кога беа промовирани првите наслови од оваа едиција, а до неговото завршување останува да бидат промовирани уште последните 37 дела.

Нови 50 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ денеска беа промовирани во Порта „Македонија“ со што полека се заокружува овој Владин проект, кој опфаќа превод на вкупно 560 дела од светски познати автори.
Проектот започна во 2012 година кога беа промовирани првите наслови од оваа едиција, а до неговото завршување останува да бидат промовирани уште последните 37 дела.
Според премиерот Никола Груевски, кој заедно со министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска присуствуваше на промоцијата, овој проект е само еден од повеќето кои јасно ставаат на знаење дека во Македонија има луѓе кои знаат да сонуваат, планираат, дејствуваат и да веруваат во она што го замислиле.
Некаде во 2009 и во 2010 година овој проект беше само во нашите мисли. 2011 година беше година во која почнаа подготовките, а во 2012 година веќе ја имавме и првата промоција на капиталниот проект „Ѕвезди на светската книжевност“. Денес на почетокот на 2016 година сме речиси на крајот на неговото заокружување, истакна Груевски.
Тој додаде дека многумина ќе речат дека ако целиот овој проект бил сведен само на 50-те тома кои денеска се промовираат, повторно би бил една исклучително вредна едиција затоа што меѓу новите наслови се најдобрите 10 до 20 книжевни дела на сите времиња.
