Фрлени 280 тони сол на улиците во Скопје
04.01.2016 10:45
Градските власти велат дека механизацијата е подготвена и дека има доволно количество сол, што се фрла на критичните места.

Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на изминатото деноноќие фрлиле 280 тони сол за расчистување на снегот од градските улици и булеварите.
Екипите на „Комунална хигиена“ се на терен и го расчистуваат мразот од тротоарите, а екипите на „Водовод и канализација“ ги чистат шахтите и сливниците.
Градските власти апелираат до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.
Од градот препорачуваат возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.
