Вевчани подготвено за карневалот
Вевчанскиот карневал и годинава традиционално ќе се одржи за празникот Василица, односно наспроти првиот ден од новата година, според стариот Јулијански календар. Соопштени новините и целосната прoграма за 13-ти и 14-ти јануари.

15- вековната традиција продолжува. Маскираните василичари на 13-ти јануари на големо дефиле, секоја улица во Вевчани ќе ја претворат во уличен театар без режија, чувајќи ги своите маски во најстрога тајност до последен момент. На еден од најстарите фестивали под маски, традиционално доаѓаат илјадници гости од Македонија и од целиот свет да уживаат во неколку дневната богата музичка програма и дочек на Старата Нова година, кој ќе биде одбележан со спектакуларен огномет.
„Некаде во 2 и 30 до 3 часот утрината, сите присутни со невестите од Горна и од Долна маала одат на вода до Вевчанските извори, тоа е традиција во утринските часови“, Цветомир Угриноски, градоначалник на Општина Вевчани.
Вевчани завиено во својот автентичен и мистичен дух, испраќа порака со која Вевчанци ја поздравуваат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година, со желба таа да биде покреативна, поубава и побериќетна.
„Вевчанскиот карневал е доволно етаблирана туристичка манифестација без која не би можела да се препознае туристичката карта на нашата држава“, нагласува публицистот Мишо Китановски.
Во богатата музичка програма и оваа година настапуваат домашни и регионални бендови.
„Мислам дека ќе е многу ладно и дека ќе се стоплиме со некоја ракија, ќе имаме добар настап на самото отворање и ќе бидеме маскирани Василичари“, вели Марко Маринковиќ-Слаткаристика.
Карневалот во Вевчани е една од најпознатите манифестации на Балканот, која се негува со векови и која според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.
Александра Перевска
