Нов фекален колектор на булеварот „Видое Смилевски-Бато“

04.01.2016 15:32

Означен почетокот на изградбата на нов фекален колектор на улицата „Видое Смилевски Бато“ во населбата Ново Лисиче.

Премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Град Скопје и на Аеродром Коце Трајановски и Ивица Коневски денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи за изградба на нов фекален колектор на булеварот „Видое Смилевски-Бато“.

Инвестицијата е вредна 27 милиони денари, а треба да заврши за околу три месеци. Инвеститор е Град Скопје, а изведувач „Бауер БГ“ од Скопје.

Во колекторот инвестира Град Скопје, а ќе се реши голем проблем во делот на фекалната канализација, особено во Реонски центар во општина Аеродром, за зградите што ги гради компанијата „Џеваир Холдинг“. Ќе го реши проблемот и на многу околни згради, рече Груевски.

Градоначалникот Трајановски појасни дека фекалната канализација е долж булеварот „Видое Смилевски-Бато“, почнувајќи од булеварот „Февруарски поход“ до булеварот „Србија“, во должина од 771 метар.

Ќе се постави фекална канализација со дијаметар на цевки од 800 милиметри. Длабочината на оваа фекална канализација во најдлабокиот дел ќе биде околу 6,5 метри, а во најплиткиот дел, кај булевар „Србија“ 5,5 метри, рече Трајановски.

Тој додаде дека на оваа фекална канализацијата ќе треба да се приклучат сите нови згради, на „Џеваир Холдинг“ и зградите во поранешната касарна во општина Аеродром. 

Градоначалникот Коневски нагласи дека ова е многу значаен проект за општина Аеродром.

Веќе ја направивме секундарната фекална канализација во делот на Реонски центар. Со изградбата на овој фекален колектор секундарната фекална канализација ќе се приклучи и ќе биде во функција на сите оние нови објекти што се градат во Реонски центар Аеродром, истакна Коневски.