Брзата помош со неколку интервенции
Снегот сопре. Булеварите се проодни. Во брзата помош неколку интервенции. Укинатите се сите забрани за движење, но, надлежните сепак апелираат на внимателно возење...

Вчера сите се израдуваа на снегот. Но, денеска радоста се намали кај некои, особено кај оние што брзаа на работа. Булеварите се проодни, но празни. На првиот работен ден по продолжениот викенд на работа се само оние што не ги споија празниците. Тротоарите се замрзнати. Граѓаните чекорат со страв.
„Апелирам особено за постарите лица, и така тие отежнато се движат, без потреба да не излегуваат надвор, а веќе ако мораат, да бидат многу вниматели, бидејќи и најмал пад кај нив предизвикува фрактура и скршеница“, вели д-р Љубе Пајковски, итна медицинска помош.
Ситуацијата во завеаните предели се нормализира.
Од АМСМ информираа дека е укината забраната за тешки товарни возила на планинските премини Стража и Пресека, како и на патните правци Маврово- Дебар.
И покрај укинатата забрана надлежните апелираат возачите да бидат внимателни.
„Останува на сила употребата на зимска опрема. Препорачуваме крајно внимателно управување зато што температурите се ниски и на осојничавите места може да дојде до подмрзнување“, вели Иван Петров, ЈП „Македонија Пат“.
Температурата падна под нулата, граѓаните ги вклучија грејните уреди. Од ЕВН велат засега нема проблеми во дистрибутивната мрежа, во студените денови не може да се штеди на енергија, но може да се троши рационално.
Наташа Јанчиќ
