46 милиони евра за изградба на шест регионални патишта

04.01.2016 16:39

Ќе се градат шест регионални патишта со вкупна вредност од 46 милиони евра. Вкупната должина е 85 километри...

46 милиони евра за изградба на шест регионални патни правци за годинава. Ќе се градат 85 километри патна мрежа. Градежната машнерија ќе биде активирана на патниот правец Кочани- Делчево, Пробиштип- Пониква, Тораница- Саса. Надлежните најавија- ќе се работи и на патот меѓу Мало и Големо Коњарево, Извор- Бошков Мост, на потегот Кичево- Дебар. На градежната агенда и приклучокот спрема Вевчани.

„46 милиони евра во една година за регионални патишта навистина е сериозна инвестиција. На многу граѓани ќе им биде од голема полза“, изјави премиерот Груевски.

Над 850 милиони евра досега се инвестирани во изградба на трите автопати. 2.200 работници ги вршат градежните активности на терен. Новите делници треба да го олеснат протокот на луѓе и стока и да овозможат дополнителен поттик за развој на стопанството.

За бизнисмените, инвестициите во капитални објекти се надеж дека приватниот сектор ќе расте и ќе отвора нови работни места. Се очекува градежништвото да остане  двигател на економијата и во 2016-тата.

Се работи на изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица. Од изградбата на новиот автопат од Кичево до Охрид завршени се 14 проценти од градежните работи, од Скопје до Штип 34 проценти од проектирната делница.

Почната е изградба и реконструкција на 13 регионални и магистрални патишта со вкупна должина од 167 километри, инвестиција од околу 50 милиони евра.

Годинава активно ќе се работи на вкупно 24 регионални патишта и седум автопати со вкупна должина од околу 600 километри.

Наташа Гркова- Петрушевска