САД: Ја предупредувавме Саудиска Арабија

05.01.2016 12:43

Портпаролот на Белата Куќа изјави дека Америка ја осудува секоја земја која спроведува масновни погубувања и предупреди дека спорот меѓу Техеран и Ријад може да го отежне постигнувањето мирновно решение за Сирија.

САД соопштија дека ја предупредиле Саудиска Арабија на можните последици од масовните погубувања, особено за погубувањето на шиитскиот свештеник Нимр Ал Нимра. Портпаролот на Белата Куќа изјави дека Америка ја осудува секоја земја која спроведува масновни погубувања и предупреди дека спорот меѓу Техеран и Ријад може да го отежне постигнувањето мирновно решение за Сирија.

Тој исто така потсети и дека сад и претходно поставувале прашања за состојбата за човековите права во Саудиска Арабија и дека за тоа разговарале претседателот Обама и саудискиот крал Салман. Меѓу другото, портпаролот истакна и дека САД се загрижени поради новонастанатата ситуација и дека Вашингтон сака Иран и Саудиска Арабија да покажат воздржаност и да не дозволат нивниот дипломатски спор да ги загрози преговорите за завршување на конфликтот во Сирија.

И Советот за безбедност остро го осуди нападот на амбасадата на Саудиска Арабија во Техеран. Во соопштението од Советот кое едногласно го прифатија сите 15 членки, е побарано од Иран да ги заштити дипломатските и конзуларните претставништва и да ги почитува своите меѓународни обврски, но не се споменува ништо за погубувањето на Ал Нимра.

Мисијата на Саудиска Арабија во Обединети нации соопшти дека 47 лица кои беа погубени на 1-ви Јануари имале „фер и праведни судења без оглед на нивната интелектуална, расна и верска припадност“.

Иранската мисија изрази жалење поради инцидентот во Техеран, поради кој Саудиска Арабија ги прекина сите дипломатски односи со Иран.

Во меѓувреме, поради инцидентот со амбасадата на Саудиска Арабија, Кувајт го отповика својот амбасадор во Иран. Во соопштението не се наведува како тоа ќе се одрази врз Кувајтско- Иранските односи.

Саудиска Арабија погуби 47 луѓе осудени за тероризам во текот на викендот, вклучувајќи го и истакнатиот шиитски свештеник, што предизвика жестоки реакции во земјите од регионот меѓу кои Иран, Ирак, Јемен и Бахреин.

 

Марина Автовска