Бадникарски огнови во пресрет на Бадник
Вечер ќе се палат Бадникарските огнови. Граѓаните се со поделено мислење за оваа практика, за црквата – ова не е во согласност со нашите практики. Надлежните апелираат да се внимава, за да не се предизвика пожар...

Во пресрет на Бадник, ќе се запалат огнови во сите маала. Рано изутрина пак, рождеството Христово ќе го најават децата- коледарчиња. И повторно се поставува прашањето – дали палењето на Бадникарскиот оган е пагански или православен обичај. Свештените лица велат дека суштината е во заедништвото, но дружењето треба да биде во божјите храмови. Граѓаните, пак, поделени околу оваа практика.
„Не знам кое е нивното значење, палење на огнови во кумановскиот регион нема... Обичајот како обичај е добар, но не треба да се палат дрва“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Овие празници македонскиот народ ги празнува со многу почит и внимание, сметајќи дека се матица на сите други црковни празници.
Бадниковите огнови не се во согласност со црковното предание. Палењето оган, пиењето алкохол и печењето месо се во спротивност на Божикните пости.
Надлежните апелираат – ако се пали оган, да се внимава.
„При палење на Бадниковиот оган, најпрво да се ореди безбедна локација што подалеку од паркинзите и да не биде во близина на лесно запаливи објекти“, вели Петар Платников, Општински противпожарен сојуз- Аеродром.
Бадник, традиционално ќе биде одбележан со собир пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“. За православните верници, ова се денови во кои треба да се биде со семејството.
Александра Перевска
