Годинава најмалку четири нови авиолинии кон европски дестинации
Годинава од Скопје ќе се воведат четири нови авионски линии кон европските дестинации. На мапата влегуваат Копенхаген, Братислава, Берлин и Прага. Новите дестинации се очекува да го зголемат обемот на транспорт. Се таргетира бројка од 1,5 милион превезени патници...

Од март, евтини авиолинии кон Копенхаген, Братислава и Берлин, а од мај преку „Чех Ерлајнс“ и кон Прага. Секоја година има зголемување на бројот на евтини авиолинии. Лани беа отворени нови шест. Премиерот Груевски вели дека се работи на изнаоѓање нови дестинациии. Додаде дека има голема веројатност кон крајот на годинава да има и нови конекции кон кои ќе се лета од скопскиот аеродром „Александар Велики“.
„Работите одат во добар правец и не е случајно што минатата година се превезени најголем број патници од македонските аеродроми, над еден и пол милиони патници, што е историски рекорд за Република Македонија. За тоа придонесе и бројот на летови и бројот на туристи, но и ниските цени на летовите кои ги обезбедивме со нискобуџетните авиокомпании“, изјави премиерот Никола Груевски.
Заедно со сегашните 30, ќе има 34 директни линии од Македонија кон дестинации во или надвор од Европа. Ова е добра можност за граѓаните кои немаат висок стандард и огромни приходи, да посетат некои од европските метрополи.
„Во моментот од скопскиот аеродром оперираме на 30 дестинации и една карго дестинација, а од охридскиот на три редовни дестинации и повеќе чартер летови. Тоа е пред се поради воведување на т.н. нискобуџетни компании“, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
Во 2005 година се летало само кон 15 дестинации, а сега со новите четири ќе има вкупно 34. Ако пред 10 години имало 500 илјади патници, сега бројот е тројно зголемен, односно 1 и пол милиони патници.
Милчо Велески
