Потрошувачите мака мачат со остварување на правата за гаранција на производите
Организацијата на потрошувачи ги сумираше резултатите за 2015-та година. Најголем дел од поплаките се однесувале на проблеми со остварување на правата од гаранција, а купувачите се жалеле и дека голем дел од производите се расипувале и пред рокот утврден со гаранцијата, па потоа морале да чекаат за сервисирање...

Наместо 14 дена на плажите на Куба, оваа млада двојка за Нова Година и Божик останаа дома. Иако за патувањето навреме платиле 3.000 евра, пет дена од туристичката агенција им давале нелогични образложенија.
„Денеска во шест часот требаше да полетаме, но ние немаме аранжман, немаме хотел, велат дека наводно ние не сме сакале таков хотел, сме платиле за нешто помалку. Денеска нема да одиме и парите не ни ги враќаат. Сега ќе постапиме правно, преку Државен пазарен инспекторат, Финансова полиција, но за тоа треба да чекаме 8 дена, тие денови ни се земени од работа“, вели младата двојка.
Иако во организацијата на потрошувачи се намалува бројот на поплаки поврзани со туристичките агенции, сепак се уште има такви примери. Граѓаните имале поплаки за производи со изминат рок, без декларација. Правата на потрошувачите ги кршат и телекомуникациските компании, фирмите за испорака на струја, вода. Има поплаки и за производите за лична употреба.
„Долго време купував торта од една продавница, но последниот пат кога купив видов дека не е тазе, ја вратив , ми ги вратија парите, се извинија.“
„Не сме внимавале многу на гаранциите, немаме многу време затоа не сме внимавале, можеби има такво нешто, се случило но не сме внимавале толку многу.“
„Купи го производот, па фрли го за три месеци. Технички, електронски исправен, но нешто ќе откаже и нема рекламација. Трговијата е таква, ќе го изнесеш ли од продавница нема рекламација“, велат граѓаните кои ги анкетриавме.
Голем број од потрошувачите рекле дека трговците за одреден производ им ја прекинувале гаранцијата.
Втора година по ред најголем број од поплаките биле поврзани со техничките производи, особено мобилните телефони. Честопати сервисерите констатирале механички проблеми на производите, со што се прекинува важноста на гаранцијата. Потрошувачите се жалат дека во ваквите ситуации се приморани самите да ги покријат трошоците за поправката на нивниот производ.
Лани Организацијата на потрошувачи извршила околу 2.700 советувања. Најголем дел биле по телефонски пат и електронска пошта.
Андријана Атанасовска
